Тој прескокна 6,06 метри, што е нов рекорд на шампионатите, и го одбрани европското злато од 2018 година

АТЛЕТИКА – ЕП ВО МИНХЕН

Светскиот и олимписки шампион во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис, го одбрани златото од Берлин 2018 на Европското првенство (ЕП) во Минхен, со скок од 6,06 метри, што е нов рекорд на шампионатите. Пред ЕП, Дуплантис (22) беше во победничка серија од 18 натпревари.
– Целта ми беше да победам, а соборувањето на сопствениот шампионски рекорд дојде како „шлаг на торта“. Се чувствував добро, но новиот светски рекорд малку ќе почека – изјави Дуплантис, кој на Светското првенство (СП) во Јуџин постави светски рекорд (6,21 метри).
Во женската трка на 800 метри, со време од 1:59,04 минути, златото го освои младата Британка Кили Хоџкинсон (20), освојувачката на сребрени медали на минатогодишните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио и на минатомесечното СП) во Јуџин (САД), во двата наврата зад Американката Атинг Му. Хоџкинсон лани беше светска првенка во сала на 800 метри.
– Ова беше трето првенство за мене во минатите четири и пол недели и повеќе стануваше збор за ментална работа, ми беше потребно само да се фокусирам – рече Хоџкинсон.
Саботна сесија на ЕП заврши со уште еден рекорд на шампионатите што го постави Албанката Луиза Гега, на 3.000 метри стиплчез (9:11,31 минути). Л.Д.