Сениорската репрезентација на Македонија загуби со 53-89, во пријателски меч што се одигра во Бар

Кошаркарската репрезентација на Македонија убедливо е поразена со 53-89, во пријателски меч одигран во спортската сала „Тополица“ во Бар (без публика н.з.), од соодветната селекција на Црна Гора, а во рамките на подготовките за претквалификацискиот августовски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година.
Победникот беше решен по паузата од 15.минути, кога Црна Гора направи серија од плус 16 поени во низа (61-27), што се покажаа како недостижни за црвено-жолтите предводени од селекторот Александар Јончевски.
Дамјан Робев со 10 коша беше најефикасен играч во македонскиот состав, Андреј Магдевски реализира осум, Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Теодор Симиќ и Андреј Јакимовски по пет, Стојан Ѓуровски и Виктор Ефремовски по три, додека Бобан Стајиќ и Виктор Миловановиќ уфрлија по два. Кај домашните, предводени од селекторот Бошко Радовиќ, најпрецизен беше Владимир Михаиловиќ со 14, додека Бојан Дубљевиќ и Зоран Николиќ дадоа по 13 коша.
По овој контролен натпревар, македонските кошаркари ќе ги продолжат подготовките во Скопје. Како што е познато, Македонија во овие претквалификации за ЕП е во групата Д, заедно со селекциите на Данска, Словачка и Норвешка. Црвено-жолтите со гостувањето во данскиот град Нествед (25 август) ќе го започнат учеството во претквалификациите за ЕП 2025, а три дена подоцна во Скопје ќе играат со Словачка. Само првопласираната репрезентација ќе игра во квалификациите за ЕП во 2025 година.
Г.И.