Фото: Маја Јаневска-Илиева/Архива

Министерството за образование и наука информира дека учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември и за оваа цел, веќе се усвоени и објавени календарите за организација на работата на јавните средни училишта и на основните училишта во новата учебна година.

– МОН во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции и партнери интензивно работат на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата. Во тек се повеќе инвестициски активности за изградба на нови и реконструкција на постојни училишни објекти, за изградба на спортски сали, набавка на опрема за дел од училиштата, поставување на 265 кабинети по природни науки во основните училишта и слично – се вели во соопштението од Министерството.

Оттаму потенцираат дека „втора година по ред продолжува етапната имплементација на најкрупната образовна реформа во основното образование која треба значително да го унапреди квалитетот на наставата, а училиштето да стане поинтересно место за младите“.

– По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија. Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници – соопштуваат од МОН.


Дистрибуцијата на свидетелствата ќе почне од идната недела, уверува Хасипи

Жалбената постапка веќе заврши и од следната недела ќе почнеме со дистрибуирање на свидителствата до сите училишта во државата, изјави денеска за МИА директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасипи.

– Уште во текот на јуни беа дистрибуирани свидителствата и дипломите за матурантите кои завршија тригодишно и четиригодишно образование, како и за учениците од деветто одделение со цел непречено да можат да го продолжат своето натамошно образование. Дистрибуцијата на свидителствата за останатите ученици доцнеше поради жалбена постапка која веќе заврши, така што од следната недела ќе почнеме и со нивна распределба по сите училишта во државава – вели Хасипи во изјавата за МИА.