Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на 19 август го организира традиционалниот настан „Отворен ден на УКИМ”.
Настанот ќе се одржи со физичко присуство во просториите на секој од факултетите во два термина, од 10:00 – 12:00 часот и од 12:00 – 14:00 часот, на кој ќе бидат презентирани студиските програми на факултетите, активностите на студентите, центрите за кариера.
УКИМ зад себе има богат 73 – годишен пат, исполнет со резултати достојни за почит, пат длабоко втемелен во сите пори на нашето општество. Големиот избор на квалитетни и иновирани студиски програми во сите циклуси на студии, постојаниот стремеж за достигнување на квалитетот на образовните програми на европските и светските универзитети, како и следењето на трендовите на атрактивност на студиските програми, се основна одлика на УКИМ со која се одвојува и предничи пред сите останати.
Богатата високообразовна понуда на УКИМ пак е одраз на осовременувањето на наставно-образовниот процес, следењето на интересот на студентите, стопанството и современите текови на образованието во глобални рамки. Универзитет во Скопје организира настава на студиски програми во сите научни области: природно-математичките, техничко-технолошките науки, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите.
„Отворениот ден на УКИМ“ нуди можност за матурантите да се запознаат со професорите и студентите – нивните идни колеги, да прашаат сѐ што ги интересира: за студиските програми, за можностите за стипендирање, за искуствата и активностите на студентите, за вклученост во научноистражувачките проекти, за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практиканството, за кариерните можности. „Отворениот ден на УКИМ“ е одлична можност матурантите да се запознаат и уверат во одликите на УКИМ што го прават најдобар универзитет во нашата држава и еден од врвните во регионот.
Мотото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е традиција, потврдени вредности и квалитет!