Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, го напушти Тајван по средбите со тајванската претседателка Цаи Инг-вен и со други претставници на тамошните власти, пркосејќи им на заканите на Пекинг, по што се зголеми загриженоста за воена криза во Тајванскиот Теснец, наведува „Вашингтон пост“.
На церемонија во претседателскиот кабинет, Пелоси во име на американскиот Конгрес прими и награда од Цаи Инг-вен и ја нагласи клучната солидарност на САД со Тајван. Кина истовремено спроведува големи воени вежби околу островот, кои тајванското министерство за одбрана ги окарактеризира како „поморска и воздушна блокада“.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји вчера во Шангај порача дека американските политичари си играат со оган, според транскрипт објавен од кинеското министерство, а слично предупредување упати и кинескиот претседател Си Џинпинг при телефонскиот разговор со американскиот колега Џо Бајден во пресрет на посетата на Тајван на Пелоси.
Членови на администрацијата на Бајден меѓусебе изразиле длабока загриженост за тајмингот на посетата на Пелоси, но нагласиле дека таквата активност не сигнализира промена на американскиот пристап кон Кина или Тајван, според „Вашингтон пост“.
Американската делегација помина помалку од 24 часа на Тајван, од слетувањето во Тајпеј, наспроти острата реакција на Кина која го смета островот за неотуѓив дел од нејзината територија. Земајќи го предвид ризикот од реакцијата на Пекинг и одредени членови на администрацијата на Бајден нагласуваа дека Пелоси не треба да го посети Тајван. Но претставничката на Конгресот ја бранеше посетата со можноста за продлабочување на американската економска соработка со Тајван.
Американскиот весник наведува дека посета на Пелоси е успех за Тајван бидејќи поминала „без проблеми“, но истакнува и дека ваквата активност од САД го соочува островот со економски и воени последици од Пекинг. За време на престојот на Пелоси, на Тајван беа забележани и одредени протести на прокинески групи.
По посетата на Тајван, претседателката на Претставничкиот дом на САД полета кон Јужна Кореја, нејзината следна станица азиската турнеја.