Денеска втор Јулски коњички турнир и трето првенствено коло

Коњичкиот клуб Вивакс од Скопје на теренот на Хиподром во Маџари денеска ќе ги одржи вториот Јулски коњички турнир и третото коло од отвореното лига-првенство на Македонија во прескокнување пречки за 2022 година, според план-календарот на Федерацијата за коњички спортови на Македонија. Натпреварите почнуваат во 17.30 часот. На програмата се три натпревари, со височина на пречките од 0,70 до 1,1-1,2 м.


АТЛЕТИКА – СП ВО САД
Шампионите истрчаа 200 м со времиња меѓу најбрзите во историјата

Во трката на 200 метри на Светското првенство (СП) во атлетика во Јуџин (САД) победи Американецот Ноа Лајлс, со време од 19,31 секунди, што е трето најбрзо време на 200 метри во историјата на атлетиката, по тие на Усеин Болт (19,19 секунди) и на Јохан Блејк (19,26), двајцата од Јамајка.
Тој резултат е и нов американски рекорд, побрзо за една стотинка од времето на Мајкл Џонсон од пред 26 години, на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1996 година. Сребрен медал, како и на ЛОИ во Токио, освои Кени Беднарек (19,77), а бронзен Еријон Најтон (19,80), исто така од САД. Американските атлетичари ги освоија трите медали и на 100 метри на СП 2022.
Во женската трка на 200 метри златниот медал го освои Шерика Џексон од Јамајка со време од 21,45 секунда, второ најбрзо време во историјата во оваа дисциплина, само 11 стотинки побавно од светскиот рекорд на Флоренс Грифит-Џојнер, стар 34 години. Сонародничката на Џексон, Шели-Ен Фрејзер-Прајс, која претходно освои злато на 100 метри, беше втора, со време од 21,81 секунда, а Британката Дина Ашер-Смит, бранителката на титулата од СП 2019, беше трета, со време од 22,02 секунди. Л.Д.


ИЗБОР НА ФУДБАЛЕРИ НА ГОДИНАТА ВО АФРИКА
Мане и Ошоала ги задржаа титулите

Сенегалецот Садио Мане, напаѓачот на Баерн, вторпат по ред е избран за најдобар фудбалер на Африка на годината, на свечената церемонија на доделување на наградите во мароканскиот главен град Рабат. Мане го постигна победничкиот гол од пенал за Сенегал против Египет во финалето на Африканскиот куп на нациите. Нигеријката Асисат Ошоала, исто така, ја задржа титулата за најдобра фудбалерка, која ја освои и во 2019 година. Фудбалерката на Барселона, по петти, рекорден пат го добива ова признание. Наградите се доделуваа првпат по три години откако беа суспендирани поради пандемијата на коронавирусот.
– Многу сум среќен што го добив трофејот. Му благодарам на сенегалскиот народ и им го посветувам овој трофеј на младите во мојата земја – рече 30-годишниот Мане, кому конкуренти за наградата му беа сонародникот и голман на Челси, Едуард Менди, како и поранешниот соиграч од Ливерпул, Египќанецот Мохамед Салах.
Долгогодишниот селектор на Сенегал, Алиу Сисе, беше избран за тренер на годината, а репрезентацијата што ја предводеше, за тим на годината. Папе Сар беше прогласен за најдобар млад фудбалер на годината, а уште еден Сенегалец, Папе Усман Сахо, ја доби наградата за најдобар гол. Шампионот на Мароко и на Африка, Видад Казабланка, го доби признанието за клуб на годината, вторпат по ред. Л.Д.