Знаеме дека трансмисијата на вирусот е висока, но знаеме и дека не предизвикува тешка клиничка состојба и не ги преполнува болниците. Системот е подготвен да одговориме и доколку имаме зголемен број на случаи, кажа портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција по повод актуелната епидемиолошка состојба во земјава.
– Согласно извештајот од ИЈЗ што го имаме добиено во изминатите два дена, варијантата БА.5 е застапена кај повеќе од 85 отсто од примероците што се земени за секвенционирање. Најчестите проблеми врзани со ковид, односно со омикрон и со варијантата БА.5, не подразбираат дигестивни проблеми. Стомачните проблеми не се толку чести кај варијантата БА.5. Тешко е да се диференцира и дали и која било температурата и секоја кашлица, течење на носот или болка во грлото се поврзани со ковид-19. Но тоа се основните симптоми поврзани со болест предизвикана од ковид. Токму ковид-амбулантите ќе бидат решение за да знаеме дали се работи за случаи на ковид-19 – објаснува Мехмедовиќ.
Тој нагласи дека е тешко да се добие реална слика за состојбата кога нема доволно тестирања.
– Тешко е да се има реалната слика кога нема доволно тестирања и кога граѓаните не сакаат да се тестираат. Не можеме да кажеме дека граѓаните не сакаат да се тестираат, тоа е перцепција што ја добивме од искуствата на матичните лекари од терен. Не можеме да кажеме дека причината за малиот број на тестирања е одбивањето, летните одмори или брзите антигенски тестови. Можеби најдобриот начин за утврдување на состојбата е да се направат независни истражувања – заклучува Мехмедовиќ.