Точно е дека Русите контактираат со Иранците во обид да купат вооружени дронови, кажа директорот на ЦИА Вилијам Бурнс, на безбедносниот форум во Аспен на кој присуствуваа претставници од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, генерали и дипломати, пренесува „Блумберг“.
– Потребни се едни на други, но немаат доверба меѓусебе, во смисла бидејќи се енергетски ривали и историски конкуренти. Важно е да се потсетиме дека, на извесен начин, тоа е рефлексија на дефицитарностите на денешната одбранбена индустрија на Русија, како и на потешкотиите што ги имаат по значителните загуби во досегашната војна против Украина – кажа Бурнс.
Во однос на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Техеран, неделава, Бурнс истакна оти Русија и Иран се обидуваат меѓусебно да си помогнат за избегнување на американските санкции, при што истражуваат можности за сојузништво, недолго откако и Бајден имаше посета на Блискиот Исток.
Директорот на ЦИА смета дека руската специјална операција во Украина треба да се гледа како „стратешки неуспех“, нагласувајќи дека американското разузнавање проценува оти Русија досега изгубила 15 илјади војници во конфликтот.
Бурнс ги отфрли и гласините за влошеното здравје на Путин, велејќи „колку што знаеме, тој е потполно здрав“.
Тој додаде дека кинескиот претседател Си Џинпинг можеби е загрижен поради глобалната економска неизвесност како последица на војната во Украина пред важниот конгрес на Комунистичката партија на Кина што претстои годинава.
– Ми се чини дека претседателот Си и кинеското водство се вознемирени во извесна мера, особено во првата фаза од војната на Путин во Украина, со тоа што го видоа. Вознемирени од воената изведба на Русија и на руското оружје, како и поради економската неизвесност што војната ја создаде низ светот. Мислам дека главна грижа на Си Џинпинг претставува важниот конгрес – заклучува Бурнс.