Новиот албум на еден од најреномираните композитори на филмска музика кај нас, Игор Василев-Новоградска, ќе биде промовиран на 22 јули, во МКЦ, во Скопје. Станува збор за необјавен саундтрак за филмот на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, кој ќе биде повторно прикажан на настанот. По низа телевизиски проекти во САД, ова е првиот американски филм на Манчевски. Снимен е во Њујорк и наиде на исклучително позитивен прием кај критиката во САД, Бразил, Тајван, Кина, Португалија, Бугарија, Србија, Македонија итн., која напиша: „Брилијантен авторски филм“, „Повеќеслоен лажен документарец што ги истакнува маните на либерализмот на милениумската генерација“, „Бескомпромисното критички настроено авторство“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Глумата на Кондола Рашад предизвикува страхопочит.“
„Бикини Мун“ ја имаше светската премиера во Бразил, на фестивалот во Сао Паоло, а беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Португалија, Белград, Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Шангај и други, каде што освои неколку фестивалски награди.
Главните улоги ги толкуваат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот е композиторот на музиката – Игор Василев-Новоградска.
Музиката за „Бикини Мун“ е исклучителен проект, затоа што станува збор за филм што, истражувајќи ја природата на вистината во филмскиот медиум, е конструиран како лажен „синема верите“ документарец, па и музиката го исполнува критериумот секогаш да биде лажна „сорс музика“ во секоја сцена каде што ја има.
Цедето ќе може да се набави уште истата вечер. Во состав на промотивниот настан ќе има и разговор со композиторот Василев, модериран од филмскиот работник и критичар Јане Алтипармаков. По разговорот ќе следува диџејски настап на Новоградска. Промоцијата почнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.