По Инсиње, и Бернардески во Торонто
Италијанското крило Федерико Бернардески му се приклучи на Торонто како слободен фудбалер од Јувентус. Тој лани беше дел од репрезентацијата на Италија во победата на Европското првенство, а потпиша четиригодишен договор со тимот на американско-канадската МЛС-лига. Бернардески освои седум трофеи во петте сезони со Јувентус, вклучувајќи и три последователни титули во Серија А во периодот од 2018 до 2020 година. Претходно летово италијанското крило Лоренцо Инсиње замина од Наполи во Торонто.
Рафиња: Ова е остварување на сонот од детството
Барселона го ангажира бразилскиот напаѓач Рафиња од Лидс во договор вреден 55 милиони фунти, објави „Би-би-си“. Рафиња, кој му се приклучи на Лидс од францускиот Рен за 17 милиони фунти во 2020 година, одигра 65 меча во Премиер-лигата, постигнувајќи 17 гола и 12 асистенции.
– Ова е остварување на сонот уште од детството – изјави Рафиња, кој дебитира за Бразил во октомври и оттогаш одигра девет натпревари и постигна три гола за репрезентацијата.
Тој беше вклучен во 28 отсто од првенствените голови во текот на неговите две сезони во Премиер-лигата, повеќе од кој било од неговите соиграчи. Рафиња постигна 17 гола, подобар беше само Патрик Бамфорд, со 19, а ниту еден друг играч на Лидс не можеше да ги израмни неговите 12 асистенции.
Ериксен: Сѐ уште имам големи амбиции, Манчестер јунајтед е посебен клуб
Манчестер јунајтед го ангажира данскиот плејмејкер Кристијан Ериксен како слободен фудбалер, објави „Би-би-си“. Поранешниот играч на Ајакс, Тотенхем, Интер и на Брентфорд потпиша тригодишен договор со англискиот премиерлигаш од „Олд трафорд“.
– Сѐ уште имам големи амбиции. Ова е совршено место за да го продолжам моето патување. Манчестер јунајтед е посебен клуб и едвај чекам да почнам – рече Ериксен (30).
Ериксен, кој е второто летно засилување за Манчестер јунајтед под водство на новиот менаџер Ерик тен Хаг, по бекот на Холандија, Тајрел Маласија од Феенорд, му се врати на фудбалот играјќи за Брентфорд, откако му беше вграден кардиовертер дефибрилатор (ИЦД) по срцевиот удар на Европското првенство во 2021 година. Данскиот репрезентативец постигна 52 гола и имаше 66 асистенции на 237 натпревари во Премиер-лигата играјќи во дресовите на Тотенхем и на Брентфорд.