По само 16 меча на годинашното ЕП за фудбалерки во Англија веќе е поставен рекорд според вкупниот број гледачи на едно ЕП. Претходно беа соборени рекордите и за посетеност на меч од групна фаза, двапати на меч во кој не игра домаќинот, забележана е најголемата победа на ЕП, за жени и за мажи, најголемо водство на полувреме…, а се очекува да биде соборен и рекордот за број на гледачи во финале на ЕП за жени
ФУДБАЛ
Европското првенство (ЕП) во Англија има највисоки бројки на посетеност за ЕП за фудбалерки, откако досегашниот рекорд од 240.055 гледачи поставен на ЕП 2017 во Холандија беше надминат за време на натпреварот Франција – Белгија, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Тоа беше дуел од 2-то коло од групата Д.
Рекордите на ЕП за фудбалерки паѓаат во низа на годинашното континентално првенство. На првите 15 натпревари на ЕП 2022 во Англија присуствуваа вкупно 239.902 гледачи, а со публика од 8.173 луѓе на мечот помеѓу Франција и Белгија вкупно ова ЕП сега има 248.075 гледачи, со уште 15 натпревари за играње.
Вкупно 68.871 гледач имаше на мечот на домаќинот Англија со Австрија во првото коло, што е рекорд за натпревар од групна фаза на ЕП за жени. Претходниот рекорд за меч од таа фаза на натпреварувањето беше 29.092, во победата на Англија со 3-2 над Финска во Манчестер, на ЕП во 2005 година.
Најмногубројна публика за еден финален натпревар на континентално првенство е 41.301, рекорд поставен кога Германија ја победи Норвешка во финалето во 2013 година во Шведска, но рекордот најверојатно повторно ќе биде соборен, на годинашното финале на стадионот „Вембли“ на 31 јули, пишува УЕФА. Стадионот во Лондон има капацитет од 90.000 гледачи.
Уште еден рекорд беше забележан на ЕП 2022, бидејќи 16.819 гледачи присуствуваа на мечот Шпанија – Финска, што беше најмногу на еден натпревар во кој не играл домаќинот на ЕП, освен финале. Тој рекорд опстои 24 часа, откако 21.342 луѓе се појавија на стадионот во Шефилд за дуелот Холандија – Шведска. На средбата Англија – Норвешка, 8-0, пак, беше забележана најголемата победа на ЕП, за жени и за мажи, како и најголемото водство (6-0) на полувреме во историјата на ЕП.
Англија, Франција и Германија се првите репрезентации што по две кола обезбедија пласман во четврт-финалето. На ЕП 2022 има четири групи, од кои првопласираните две селекции од секоја група ќе играат во четврт-финалето, а во игра се Австрија, Норвешка (група А), Шпанија, Данска (група Б), Холандија, Шведска, Португалија, Швајцарија (група Ц), Белгија, Исланд и Италија (група Д), пишува УЕФА.
НАЈМНОГУ ГЛЕДАЧИ НА ЕП ЗА ФУДБАЛЕРКИ
68.871 Англија – Австрија (групна фаза, 6.7.2022, Манчестер)
41.301 Германија – Норвешка (финале, 28.7.2013, Солна)
29.092 Англија – Финска (групна фаза, 5.6.2005, Манчестер)
28.847 Англија – Норвешка (групна фаза, 11.7.2022, Брајтон)
28.182 Холандија – Данска (финале, 8.6.2017, Еншеде)
ЕП СО НАЈМНОГУ ПУБЛИКА ДОСЕГА
ГОД. ДОМАЌИН ГЛЕДАЧИ МЕЧЕВИ
2022 Англија 248.075 во тек*
2017 Холандија 240.055 31
2013 Шведска 216.888 25
ПРОСЕК ПО НАТПРЕВАР НА ЕП
2022 Англија 15.505 во тек*
1989 Германија 9.000 4
2013 Шведска 8.676 25
* по 16 меча
НАЈПОСЕТЕНИ МЕЧЕВИ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА УЕФА
ГЛЕДАЧИ НАТПРЕВАР
91.648 Барселона – Волфсбург (ЛШ, 22.4.2022)
91.553 Барселона – Реал Мадрид (ЛШ, 30.3.2022)
68.871 Англија – Австрија (ЕП, 6.7.2022)
50.212 Лион – Франкфурт (финале ЛШ, 17.5.2012)