Неколку кинески градежни инвеститори рекоа дека ќе ја прифатат храната како средство за плаќање за домовите, бидејќи се обидуваат да привлечат купувачи, пренесува „Би-би-си“
Кинески компании рекламираа договори за да им дозволат на луѓето да користат производи, вклучувајќи праски, лубеници и лук, како аванси за купување нови домови. Сепак, некои од овие необични понуди сега наводно се повлечени. Продажбата на домови во Кина паѓа 11 месеци по ред, додека неодамна една голем градежен инвеститор не успеа да ги исплати финансиските обврски.
Неодамна, компанија за недвижности во источниот град Вукси рече дека ќе дозволи користење праски како платежно средство да се надомести дури 28.218 долари во авансни плаќања за домови. Друг инвеститор во градот Нанџинг рече дека ќе прифати дури 5.000 килограми лубеница чија вредност изнесува 100.000 кинески јуани што е неколкупати повеќе од тоа што би чинело на локалните пазари. Сепак, промоцијата сега е суспендирана, објави државниот весник „Глобал тајмс“. Во мај, фирмата за имот „Централ чајна менаџмент“ спроведе 16-дневна кампања во која го прифаќаше лукот како аванс за купување дом во кинеската област Чи, која е главен регион за производство на лук. Според договорот, 500 грама лук во континентална Кина беа проценети на пет кинески јуани, што е околу трипати повеќе од неговата пазарна цена. Компанијата соопшти дека прифатила зделки платени со количество лук што одговара на вредност од 30 дома. Сепак, оттогаш ја отстрани рекламата за слична зделка со пченица, која беше лансирана на апликацијата „Вичет“.
Експертите велат дека зделките се начин за градежните инвеститори да ги заобиколат правилата на локалната власт, кои ја ограничуваат големината на попустите што им е дозволено да ги нудат. Официјалните бројки за мај покажуваат дека продажбата на станбени имоти во Кина паднала за 41,7 отсто во однос на претходната година. Големиот кинески градежен инвеститор „Шимао груп“ рече дека пропуштил да плаќа камата и главнина за една милијарда долари во офшор-обврзници. Од компанијата рекоа дека се јавил забележителен пад на продажбата со значителни промени во макросредината на секторот за недвижности во Кина од втората половина на 2021 година и влијанието на ковид-19. Во меѓувреме, кинескиот гигант за недвижности „Евергранд“ е во процес на преструктурирање на својот бизнис откако не ги исполни своите долгови кон крајот на минатата година.