Протестот под мотото „Ултиматум – не, благодарам!“ продолжува и денеска. Организаторот ги повика граѓаните масовно да излезат и да протестираат мирно и достоинствено.
-Во предвечерието на расправата во Собранието за предлогот кој ја бугаризира Македонија да излеземе масовно, да протестираме мирно и достоинствено. Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени не смеат да поминат. Ултиматум, НЕ благодарам!“ -повикаа организаторите на протестот.
Наредниот протест, пак, е закажан за утре напладне кога во македонското Собрание ќе се расправа за францускиот предлог, а пред пратениците предвидено е да се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Од политичката партија Левица велат дека нивните активисти кои кампуваа пред Владата од денес ќе се префрлат пред Собранието и ги повикаа граѓаните да им се придружат утре напладне.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека ќе бидат преземени сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом во однос на утрешната седница на која ќе се дискутира за францускиот предлог.
Министерот Оливер Спасовски рече дека министерството ги прави потребните анализи, ги собира потребните податоци и информации во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата. МВР упати и апел до граѓаните да не дозволат да бидат вовлечени во ничии сценарија и насилни инциденти, бидејќи, како што предупредуваат, ќе бидат преземани најригорозни мерки и нема да се толерира нарушување на мирот и безбедноста.