Следуваат неколку етапи на Алпите, меѓу кои се и можеби клучните за вкупниот победник, денешното искачување на највисоката точка на годинашната трка (2.642 м) и утрешната со фамозниот 21 свијок
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
По вториот ден за одмор и задолжителните тестови на ковид-19 за велосипедистите, со вчерашната 10-та етапа продолжи 109-то издание на Тур де Франс. Следуваат неколку етапи на Алпите, меѓу кои и можеби клучните за вкупниот победник, денешното искачување на највисоката точка на годинашната трка (2.642 м) и утрешната со фамозниот 21 свијок. Главното прашање што сите во велосипедскиот карван си го поставуваат е дали може, и како, да се победи Словенецот Тадеј Погачар, кој се трка за третата победа по ред. Тој има две етапни победи, неприкосновен лидер е, и се покажа одлично на сите етапи, во различни услови, од хронометар, преку калдрма, до ридски етапи. Како негов најсериозен ривал досега се покажа Данецот Јонас Винегард, кој е втор со заостанување од неполна една минута, а својата шанса ќе ја бараат Ромен Барде, Енрик Мас, Герент Томас, победникот од 2018-та, и Адам Јејтс, тандемот возачи на Инеос, тимот што најави „специјална тактика“ против Погачар.
– Следните три дена ќе бидат клучни. Ќе видиме како сите во тимот ќе се покажеме. Треба да ја чекаме шансата и да ја искористиме, иако е полесно тоа да се каже отколку да се направи – изјави Томас, кој вели дека Погачар е за „едно ниво над сите“, но не и непобедлив.
Погачар не ја сака етикетата дека е наследник на петкратниот победник на Тур, Белгиецот Еди Меркс, односно „новиот канибал“.
– Воопшто не се чувствувам како канибал. Но кој не сака да победи на Тур? Сега на ред се големи предизвици, особено денеска и утре. Ќе видиме кој ќе биде најсилен на тие големи искачувања, кои многу ми се допаѓаат, се чувствувам многу сигурно. Ќе биде интересно во секој поглед – вели Погачар.
Вниманието го сврте и Белгиецот Вут ван Аерт (28), веројатно велосипедистот на сезоната, зад Погачар, но во различна категорија, како возач што „лови“ етапни победи и еднодневни трки и кој секогаш е ултранапаѓачки настроен. Меѓу неговите седум победи годинава се еднодневните класици, а лани забележа три етапни победи на Тур (во планина и на хронометар и во спринт до Елисејските Полиња). Тој е сестран речиси како Погачар, ја носи зелената маичка наменета за водечкиот според бројот на поени, која е симбол на експлозивност, страст и на брзина вообичаена за спринтерите. Л.Д.