Изложбата „Трилогија: Под површината има уште една површина“ е мултимедијален и интердисциплинарен проект на познатиот албански уметник Дриант Зенели, кој се состои од три видеа (инсталации), цртежи, готови објекти и просторни инсталации. Закажана е за 4 август, во 20.30 часот, во „Чифте-амам“. Елементот што ги поврзува филмовите е минералот хром. Во едно од видеоделата со наслов „Не би било возможно да се напушти планетата Земја доколку не постои гравитација“, Зенели работи со идејата за утопии и дистопии од минатото, но и од сегашноста. Зборува за идеализмот и ветувањето за подобра иднина во времето на стариот комунистички систем наспроти очигледните неуспеси за достигнување на ветувањата, спротивставувајќи го на идеите, желбите и неуспесите на еден човек, Марио, современик на уметникот, кој сака да ги исполни сопствените желби и да лета во вселената. За локација е користена стара фабрика – металуршкиот комплекс „Челикот на партијата“ во Елбасан, која била изградена во 1962 година. Таа е своевидна реликвија – знак на политичко враќање по застојот со Советскиот Сојуз – на новосоздадениот сојуз меѓу Комунистичката партија на Кина и Партијата на трудот на Албанија.
– Напуштената архитектура отсекогаш била избор за сценографија во филмовите на Зенели, а истиот металуршки комплекс од претходното видео е користен и како место на дејствување во второто видео „И потоа најдов некои метеорити во мојата соба“ во која преку двата главни лика – Бујар и Флора (колекционери на хром, но всушност медицински брат во фабриката и диџејка), уметникот се занимава со прашањата за достигнување бесконечност и замислување подобра иднина, и покрај сиот песимизам на современото општество, умно играјќи на самата граница меѓу реалното и фиктивното.
Транс-историјата, политиката, демоните од минатото, критиката, фантазијата, иднината, соништата се само дел од идеите инкорпорирани во третиот дел од трилогијата – „Можеби космосот не е толку извонреден“. Овде уметникот зборува за една од најважните индустриски и економски активности на неговата земја, рударството на хром, а дејството се случува во рудникот „Булќизе“, лоциран во централна Албанија. Овде Зенели измислува фантастичен наратив за целиот процес на оваа активност видена со помош на космичка капсула, пронајдена од група тинејџери, додека во паралелно траење има ехо од гласовите на Флора и на Бујар, ликовите од претходниот филм, како последователна контрастна нарација на бесконечноста.
Инсталациите на подвижни слики се проследени со визуелни дескриптори како цртежи – книжевно патување од книгата на Хисенбегас („Towards eridan’s epsilos“) објавена во 1983 година, роботски раце направени од хром, парчиња хром минерал итн.
Редефинирањето на идејата за неуспех, утопија и сон стои во сржта на истражувањето на Зенели, како елементи што отвораат можни алтернативи. Во неговите филмови, моќта и историјата се испреплетени со поединечни наративи, предизвикувајќи утопии што го поткопуваат природниот поредок на нештата. Креативниот чин се храни со непланираните средби и односот со архитектонското наследство на местата.
Зенели ги користи своите филмови како материјал за моделирање на местото и времето. Претставите имаат форма на партиципативни интервенции, при што уметникот го создава значењето на делото со гледачите. Елементот на гравитација резонира низ целата уметничка продукција, било да се тоа филмови, цртежи или случувања, во постојан обид да се одвои од земјата, да си игра со сопствените граници.