Од 43 индивидуални прваци од СП 2019, 37 ќе ги бранат титулите и во Орегон, а ќе се натпреваруваат вкупно 42 поединечни златни медалисти од минатогодишните ЛОИ во Токио, пишува СА
АТЛЕТИКА
На Светското првенство (СП) во Јуџин (Орегон, САД), од петок до 24 јули, ќе настапат повеќе од 1.900 атлетичари од 192 земји, во 49 дисциплини, објави Светската атлетика (СА). Од Македонија ќе настапи Адријана Поп Арсова, во маратонската трка, на 18 јули.
Од 43 индивидуални прваци од Светското првенство во 2019 година, 37 ќе ги бранат титулите и во Орегон, а ќе се натпреваруваат вкупно 42 поединечни златни медалисти од минатогодишните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, пишува СА.
Годинашното Светско првенство требаше да се одржи лани, но беше одложено поради пандемијата на коронавирусот и совпаѓањето со одложените ЛОИ 2020.
Мундијалот во Орегон почнува со квалификациите во дисциплината фрлање кладиво за мажи, в петок, а со финалето на трката на 4х400 метри за жени треба да бидат заокружени натпреварите на годинашниот Мундијал во САД, на 24 јули.
Алисон Феликс, најтрофејната спортистка во историјата на светските првенства во атлетика, ќе има можност да го зголеми својот рекорд. Американската спринтерка има 18 медали на светските првенства (13 златни, три сребрени и два бронзени) и е именувана во составот на мешаниот тим на САД во трката на 4×400 метри.
Во австралискиот тим се најстарите и најмладите спортисти на целото светско првенство. Така, 49-годишната Кели Рудик е пријавена за трката во брзо одење на 35 километри, а 17-годишната Клаудија Холингсворт ќе се натпреварува на 800 метри. Рудик ќе стане и најстарата спортистка што се натпреварувала во женска дисциплина на светските првенства во атлетика.
Светските првенства се одржуваат од 1983 година и ова ќе биде вкупно 18-то издание, прво во САД.
АТЛЕТИКА – МАРАТОН
Кипчоге ќе атакува и на четврта победа во Берлин
Кениецот Елиуд Кипчоге, светски рекордер и двократен олимписки шампион, на 25 септември годинава ќе се обиде по четврти пат да победи на Берлинскиот маратон и да се израмни со Етиопјанецот Хаиле Гебрселасие, кој има најмногу победи во Берлин, четири по ред од 2006 година.
Претходен натпревар на 37-годишниот Кипчоге му беше маратонот во Токио во март годинава, кога победи со четвртото најбрзо време во историјата на оваа делница, 2:02,40 часа. Лани во август, на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија), тој стана третиот човек што ја одбранил титулата во маратон.
Маратонската трка во Берлин се смета за една од најбрзите на светот. Кипчоге, кој таму дебитира во 2013 година, победи во 2015 и во 2017 година, а на претходниот настап, во 2018 година, тој го постави светскиот рекорд со време од 2:01,39 часа.
– Во Берлин е најбрзата патека, таму човекот може да го покаже целиот свој потенцијал и да ги помести границите – вели Кипчоге, кој има победи на 14 од 16 маратони во кариерата, меѓу кои на две ЛОИ (во Рио де Жанеиро во 2016 година и во Токио во 2001 година) и на девет други големи настани.
На Светското првенство (СП) во атлетика во Јуџин (САД), кое ќе почне в петок, Кенија во маратон ќе биде претставувана од Лоренс Чероно, Џефри Камворор и Барнабас Киптум. Л.Д.