Четворица организатори, кои направија шеговит настан на социјалната мрежа Фејсбук, се уапсени во Египет под обвинение дека „планирале неред за да заработат пари“, објави „Дејли мејл“.
Објавата „Битка за вистинскиот Бетмен“ е поставена на Фејбук откако двајца корисници се препирале кој е вистинскиот суперхерој. Потоа бил објавен предлог кандидатите да облечат костуми и да се борат во една населба во Каиро и со тоа да се реши кој е „вистинскиот“ Бетмен.
– Кој ќе остане жив, тој е вистинскиот Бетмен – пишува во објавата.
Објавата стекна популарност и многумина се шегуваа и креираа мемиња. Меѓутоа, надлежните служби неколку дена подоцна изразија загриженост поради случајот.
Позната телевизиска водителка Ламис ал-Хадиди го поврза датумот избран за „битката меѓу Бетмени“ со деветгодишнината од крвавата пресметка што уследи откако војската го собори претседателот Мохамед Морси.
Повеќе од 900 луѓе беа убиени кога безбедносните сили ги прекинаа мирните протести на десетици илјади приврзаници на Морси во Каиро на 14 август 2013 година.
Хадиди ги предупреди гледачите „да не ги сфаќаат таквите нешта лесно“, иако призна дека сето тоа започнало како шега.
Таа ги повика организаторите да побараат дозвола од властите за настанот, истакнувајќи дека тоа е законско барање.
Од 2013 година, сите јавни собири на повеќе од десет луѓе се забранети во Египет, освен ако немаат официјална дозвола од надлежните власти.