Министерството за внатрешни работи (МВР) апелира до граѓаните, доколку било кој препознае некого од хулиганите, како што е лицето на снимката кое го фрли молотовиот коктел спрема полицијата и објектот на Собранието, да го пријави тоа на телефонскиот број 192 или во најблиската полициска станица.
– Без разлика дали пријавата е анонимна или не, полициските службеници ќе постапат и, доколку се потврди идентитетот, против насилниците ќе бидат преземени соодветни законски мерки – стои во денешниот апел од МВР.
Министерството апелира до граѓаните да не дозволат да бидат вовлекувани во ничии сценарија, ниту во било какви насилни инциденти, бидејќи, се подвлекува, ќе бидат преземани најригорозни мерки и нема да се толерира нарушување на мирот и безбедноста.
– Секој дијалог треба да се води во институциите на системот, а македонската полиција е токму гарантот за безбедноста на тие институции, на државата и нејзините граѓани – се наведува во соопштението од МВР.
МНР: Нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнување тензии
Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството, стои во соопштението на МНР.
– Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија – велат од Министерстово.
Оттаму нагласуваат дека „претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР, и како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид“.
– Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешно – политички чекори – се вели во соопштението.