На неодамна одржаната годишна конференција на Ротари Дистриктот 1912 во Словенија, на Раде Христовски му беше врачена инсигнијата како симбол за извршување на гувернерската функција за ротаријанската 2022/2023 година од страна на досегашниот гувернер на Дистриктот Душан Петерковиќ.

На настанот присуствуваа голем број ротаријанци и пријатели на ротари движењето.

-За нас Македонците се оствари еден долгогодишен стремеж и желба да се има свој Дистрикт и свој Гувернер. Додека желбата за Дистрикт се оствари во 2016 година, кога македонските ротари клубови се здружија со словенските, изборот за гувернерската функција врз основа на избор на Номинацискиот Комитет во Дистриктот, го добивме уште во 2019/2020 година, а за мандат во ротаријанската 2022/2023 година во периодот од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година. Честа е голема, но исто така и одговорноста – рече Христовски.

Гувернерот Христовски додаде дека Ротари Интернационал е една од најреспектибилните сервисни организации на светско ниво и организација на лидери во својата професија која помага на заедницата локално и глобално, а добивањето на позицијата Гувернер на Дистрикт од Македонија треба да претставува признание и гордост за секој граѓанин во земјава.

Во моментов, во Дистрикт 1912 на Македонија и Словенија дејствуваат вкупно 78 Ротари клубови и 26 Ротаракт клубови за млади ротари од 18 до 30 години, односно повеќе од 1800 членови заедно.
Првиот Ротари клуб е основан во 1905 година кога четворица пријатели се сретнале во Чикаго за да разговараат за тоа како би можеле да работат заедно за да и помогнат на пошироката заедница. Оттогаш, Ротари се зголеми на меѓународно ниво на повеќе од 1,2 милиони членови во 200 земји.
M.M.