Од 57 ученици што годинава го завршија основното образование во Македонски Брод, средното образование во родното место ќе го продолжат 22 ученика, додека 35 ученици се запишани во Прилеп и Битола, а нешто помалку и во главниот град. Причините кои доведоа до одлив на младите од малите места ни ги потврди и директорот на бродското средно училиште, Жарко Стојкоски.
– Од година во година се повторува истата практика и поголемиот дел завршени деветтооделенци наместо во родното место своето средно образование го продолжуваат во поголемите градови како Прилеп, Битола и во нешто помал број Скопје. Бесплатното школување и сместување во интернат во овие градови е олеснителна околност за нивните радители а самото сознание на идните средношколци дека ќе живеат во поголем град, се причини зошто се одлучуваат на ваков чекор. Ако во поголемите градови добиваат бесплатно сместување кое го плаќа државата, тие што ќе останат во матичното место ништо не добиваат од страна на државата,единствено општината се пигрижи оваа практика да се промени со доделување на еднократна помош од 5.000 денари на сите деветтооддделенци кои своето образование ќе го продолжат во родното место – нагласи директорот на средното училиште „Свети Наум Охридски“ од Македонски Брод, Жарко Стојкоски.
Тој напомена дека од 22 ученика што одлучиле средното образование да го продолжат во родниот град, осуммина се запишани во гимназиските паралелки, 9 се одлучиле да продолжат во туристичко-угостителска струка, а 5 во машинска струка.
Тој потстети дека учениците кои се запишале во машинската струка во текот на годината ќе спроведат и феријална пракса која ќе трае три недели во наменската фабрика „Сувенир“ Самоков.
– Учениците што ја завршија прва година од машинската струка, веќе се наоѓаат во погоните на наменската фабрика каде што во наредните три седмици ќе ја спроведат феријалната практика, со што нашето училиште и понатаму ќе поседува паралелка каде се применува дуалното образование – додаде Стојкоски. З.А.