Согласноста на Турција да го потпише меморандумот за процесот на придружување на Шведска и Финска во НАТО беше најголемото изненадување пред почетокот на самитот на Алијансата, кој се одржува во Мадрид, Шпанија. Меморандумот беше потпишан од министрите за надворешни работи на трите земји, во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Финска, Саули Нинисто, и шведската премиерка Магдалена Андерсон

Шведска и Финска набргу во НАТО, а Турција задоволна од својата дипломатска офанзивна мисија

Во многу претходни извештаи на светските новински агенции беше споменувано дека поради противењето на Турција, најмногу што можеше да добијат двете скандинавски земји Шведска и Финска е некој појасен пат кон НАТО, но не и гаранции дека ќе станат полноправни членки. Имено, главниот аргумент на Турција поради кој не сакаше да се согласи за прием на двете скандинавски држави беше дека Финска и Шведска претставувале „безбедна куќа“ (прибежиште) за членовите на Работничката партија на Курдистан (ПКК), а која за официјална Анкара е терористичка организација.
Во наредниот период овие три земји би требало да имаат заедничка комисија, а според објавените информации на сајтот на НАТО, Финска и Шведска во согласност со Европската конвенција за екстрадиција ќе ги испорачаат лицата што се обвинети за тероризам од страна на Турција.

Алијансата наскоро со 32 полноправни членки

Во најскоро време, НАТО ќе има 32 полноправни членки, што не ѝ оди во прилог најмногу на Русија, која се обидува да го прекине процесот на проширување на НАТО. „Русија е толку моќна воена и политичка сила, што овие земји немаат никакво значење во глобална стратегиска смисла“, е првичната реакција на официјална Москва по согласноста на Турција да дозволи Алијансата да се прошири со уште две нови земји-членки. Според шефот на комисијата на Советот на Федерацијата за заштита на државниот суверенитет, Андреј Климов, учеството на северните соседи на Русија во Алијансата „нема да ги подобри“ нивните односи со Москва. Како што смета Климов, и Шведска и Финска имаа одредени придобивки од нивната неутралност, а со зајакнувањето на воената инфраструктура на нивната територија „ќе си направат проблеми“.
Со влезот на Финска и Шведска во НАТО ќе се зголемат тензиите во Балтичко Море. Руската екстериторијална енклава Калининград ќе биде дополнително изолирана, што ќе ги засили и онака растечките тензии на Балтикот, но може да ја принуди Русија да преземе и воени акции, за да го деблокира Калининград, каде што има стационирано силна воена флота и околу 150 илјади војници.
Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави постигнувањето на трилатералниот договор меѓу Турција, Шведска и Финска. Според Бајден, ова претставува клучниот фактор за јакнење на колективната безбедност.

Се очекува уште побрза ратификација на членството на Финска и на Шведска во националните парламенти на членките на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека очекува брза ратификација на членството на Шведска и на Финска во воената алијанса, пренесува Ројтерс.
– По повикот, ни треба процес на ратификација во 30 парламенти. Секогаш е потребно извесно време, но исто така очекувам дека и тоа ќе помине доста брзо, бидејќи сојузниците се подготвени да се обидат тој процес на ратификација да се одржи што е можно поскоро – додаде Столтенберг.
Грчката влада изразила задоволство за постигнатиот договор меѓу Турција и Шведска и Финска за членството на НАТО, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на владини извори. Истите извори потенцирале дека договорот „не влијае на грчката страна, ниту на односите на ЕУ со Турција“, дека интеграцијата на Финска и Шведска во НАТО „го зајакнува европскиот простор во Алијансата и ја зајакнува позицијата на Грција“, но и дека преговорите на турскиот претседател за членството на двете земји на траеле долг временски период.
Лидерите на НАТО се состануваат во Мадрид на нивниот прв редовен самит од почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари. Шефовите на држави и влади на 30-те земји-членки ќе разговараат за начините за обезбедување дополнителна помош за Киев, без, сепак, тоа да доведе до директна конфронтација меѓу Алијансата и Москва.


Што содржи Меморандумот за разбирање помеѓу Турција, Финска и Шведска

Финска и Шведска го потпишаа Меморандумот за разбирање со Турција, ветувајќи дека ќе ја решат загриженоста на Анкара во врска со нивниот став кон терористичките групи ПКК и ФЕТО.
Во точките од договорот се наведува дека Финска и Шведска недвосмислено ги осудуваат сите терористички организации што ја напаѓаат Турција и ја изразуваат својата најдлабока солидарност со Турција и семејствата на жртвите.
Наедно, Финска и Шведска потврдуваат дека ПКК е забранета терористичка организација, а двете скандинавски земји се обврзуваат да ги спречат активностите на ПКК и сите други терористички организации и нивните проширувања, како и активностите на поединци во сродни и инспирирани групи или мрежи поврзани со овие терористички организации.
Финска се повикува на неколку неодамнешни измени и дополнувања на нејзиниот Кривичен законик, кои стапија во сила на 1 јануари 2022 година, со што се прошири опсегот на учество во активностите на терористичката група. Во исто време, јавното поттикнување за извршување терористички акти беше инкриминирано како посебен чин.
Шведска потврдува дека на 1 јули ќе стапи во сила нов построг закон за терористички дела и дека Владата се подготвува дополнително да го заостри Законот за борба против тероризмот.
Со договорот, Турција, Финска и Шведска потврдуваат дека во моментов меѓу нив нема национално ембарго за оружје. Шведска ја менува својата национална регулаторна рамка за извоз на оружје во однос на сојузниците во НАТО. Во иднина, извозот на оружје од Финска и од Шведска ќе се одвива во согласност со солидарноста на Алијансата и во согласност со членот 3 од Вашингтонскиот договор.
За спроведување на овие чекори, Турција, Финска и Шведска ќе формираат постојан заеднички механизам, со учество на експерти од министерствата за надворешни работи, внатрешни работи и правда, како и разузнавачки служби и безбедносни институции. Постојаниот заеднички механизам ќе биде отворен за да се приклучат други.
Во точката 7 од Меморандумот се споменува дека Турција, исто така, ја потврди својата долгогодишна поддршка за политиката на отворени врати на НАТО и се согласи да ја поддржи поканата до Финска и Шведска да станат членки на НАТО на самитот во Мадрид во 2022 година.


Кина е загрижена за новиот стратегиски концепт на НАТО

Кина е длабоко загрижена за импликациите на новиот стратегиски концепт на НАТО, изјави постојаниот претставник на Кина во Обединетите нации, Ганг Џун.
Кина ѝ посветува многу време на стратегиската адаптација на НАТО и е длабоко загрижена за политичките импликации на таканаречениот стратегиски концепт. Некои лидери на НАТО неодамна прикажаа друга земја како закана – рече Ганг во своето обраќање до Советот за безбедност на ОН.
Тој го повика НАТО да не ја користи украинската криза како изговор за поттикнување светска конфронтација или нова студена војна, пишуваат светските медиуми.
Кинескиот дипломат, исто така, кажал дека кризата околу Украина се развива на долготраен и непредвидлив начин и дека Пекинг оценува дека преговорите остануваат единствениот начин за решение.
Тој кажал дека Кина ги поддржува директните разговори меѓу Русија и Украина и му честита на посредништвото на генералниот секретар на ОН за извозот на жито, меѓу другите напори што ОН ги прават за да му се стави крај на овој конфликт.