Комисијата за заразни болести на денешниот состанок констатира дека има зголемување на бројот на позитивни случаи на ковид-19 во однос од минатата недела, и тоа изнесува 65,8 отсто.
Воедно, констатирано е дека нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот хоспитализирани се 10 пациенти со ковид-19) и нема зголемување на бројот на смртни случаи.
– Во согласност со овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од ковид-19 во соседните држави и светот, потсетуваме на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз. Дополнително, препорачуваме граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце – велат од Комисијата.
Појаснуваат дека Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки.