Во здраво тело здрав дух
Првите Балкански спортски училишни игри се одржаа во Охрид, од 12 до 16 јуни. Настанот го организира Федерацијата за училишни спортови, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, а целта е зближување на младите спортисти од Балканот, создавање нови познанства, премостување на разликите и обид преку спортот да ја реализираме идејата за „Отворен Балкан“.
И уште еднаш се докажа дека спортот зближува, не познава вери, раси и бои. Спортот е најдобар начин на почитување на противникот. И овој пат тој ги сплоти младите спортисти од Балканот.
– Средношколци од различни земји, тука, во Охрид, ќе го развиваат тимскиот дух, ќе го усовршуваат ферплејот и ќе почувствуваат здрава компетитивност.
Но, најважно, овие млади, кои во наредните денови ќе учествуваат во спортските игри, пред сѐ ќе имаат можност подобро да се запознаат, да бидат поблиски и во различностите, да стекнат пријателства што можеби ќе бидат за цел живот! И ќе бидат пример што ќе може да го следат и други млади луѓе – рече на отворањето на игрите Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
На игрите учествуваа околу 450 ученици-натпреварувачи од најдобрите средни училишта од следниве балкански земји: домаќинот Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Натпреварите се одржат во следниве дисциплини:
Ракомет – машки и женски
Кошарка 3х3 – машки и женски
Футсал – машки и женски
Одбојка на песок – машки и женски
Пинг-понг – машки и женски
Атлетика – машки и женски (100 м, скок во далечина и фрлање ѓуле)
Шах – машки и женски