Млади иноватори
Група ученици од СУГС „Орце Николов“ од Скопје креираат минијатурен болид по примерот на моделите во Формула 1, кој ќе работи со погон на компримиран воздух, а кој ќе го претстават на натпреварот „Арамко Формула 1 скул ворлд фајналс 2022“, кој ќе се одржи во јули годинава во Лондон.
Тимот на ученици се состои од пет члена, секој со своја улога и задачи: Марио Блажевски (тим-лидер), Мирослав Мишоски (заменик-лидер и 3Д-дизајнер), Калин Јовановски (3Д-дизајнер), Мила Перинска (дизајнерка) и Никола Мишоски (задолжен за подготвување финансиски извештаи). Во тимот е вклучен професорот Стефан Митров од академијата М3DS, кој се најде во вистинското време на вистинското место. Сѐ се одвива под менторство на професор д-р Виктор Илиев, раководител на Лабораторијата за механика на флуиди и хидраулични машини на Машинскиот факултет во Скопје. Три месеци интензивно развиваа модел на мини-болид на Формула 1, кој ќе се натпреварува на патека од 20 метри, во конкуренција на учесници од 55 земји од целиот свет.
Специфичноста на ова натпреварување е во тоа што 3Д-креирањето и изработката на моделите се изведуваат по строго зададени технички регулативи и прописи, кои се слични на оние од реалната трка на Формула 1. Најголемиот предизвик беше исполнувањето на строгите критериуми што се поставени од организаторот, кои, секако, важат за сите учесници.
Ова е прво учество на ученици од Македонија на престижниот меѓународен натпревар за дизајнирање, тестирање и изработка на најбрз мини-болид, кој им овозможува на учесниците да развиваат академски и животни вештини, со кои се зголемува нивната вработливост, како и да започнат и да развиваат кариера во инженерската индустрија.
Некои од учениците кои го сочинуваат тимот, кој ќе настапува под името АЕРТ рејсинг (AERTH Racing), остварија средба со претставници на Министерството за образование и наука, на која го претставија својот труд. На состанокот му беше посакан успех на ученичкиот тим и беше потенцирано дека државата има потреба и секогаш ќе се гордее со вакви талентирани, креативни и иновативни млади луѓе, кои, всушност, значат иднина и општествен просперитет.
„Арамко Формула 1 скул ворлд фајналс 2022“ (Aramco Formula 1 schools World Finals 2022) е најголемиот СТЕМ-натпревар во светот, кој се одржува секоја година, започнувајќи од 1999 година.
Младите иноватори апелираат до државните институции и општествено одговорните компании да ги поддржат за да можат да го финализираат овој проект и да отпатуваат во Лондон.