Слушаме неиспровоцирани тешки, навредливи квалификации од шеф на влада, соопшти бугарското МНР
Бугарија отсекогаш била меѓу оние земји-членки на Европската Унија кои ја поддржуваат европската припадност на албанскиот народ. Ја браневме европската перспектива на Албанија и почетокот на преговорите за членство во ЕУ, дури и кога беше многу потешко од денес.
– Низ годините, немаше многу други гласови со нас во оваа кауза. Ние се залагаме за тоа денес, и покрај се, во име на заедничката европска иднина. Ова се наведува во ставот на бугарското Министерство за надворешни работи – пренесуваат бугарските медиуми.
– Како одговор, не е првпат да слушаме неиспровоцирани остри, навредливи квалификации од шеф на влада. Жолчните квалификации на Рама во толку ниско јазично ниво повеќе не можат да се оправдаат со природата и недостатокот на европски комуникациски вештини. Очекуваме албанскиот премиер да ги прилагоди своите изразни средства на јазик што е соодветен за политичар од земја кандидат за членство во ЕУ – се вели во ставот на МНР, според тамошните медиуми.
– На ова ниво, повеќе од кое било друго, инсистираме на одржување на добар тон на комуникација. На ова ниво секогаш сме ја покажувале сета почит што бара одговорна позиција и ниво на меѓудржавни односи. Имаме заедничка иднина со Албанија. Политичарите си заминуваат. Нациите остануваат. Нашите народи имаат заеднички интерес, кој не смее да се поткопа со погрешна проценка на еден политичар. Недозволиво е односите меѓу државите да станат заложник на ексцентричноста на актуелниот албански премиер – соопшти МНР.
Албанскиот премиер Еди Рама реагираше веднаш откако бугарското Министерство за надворешни работи побара од премиерот Еди Рама да зборува на соодветен јазик на политичар на земја кандидат за членство во ЕУ.
– Ох! Бугарското Министерство за надворешни работи има проблем со мојот говор! Многу точно! И јас имам едно прашање, а тоа е како Бугарија ќе ги решава билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање на две земји членки на НАТО!. Пријатели смирете се: тргнете го ветото или бидете трпеливи со мене! – напиша Рама на Твитер.