Откако Русија го намалува снабдувањето со гас, некои земји во Европа ќе ги активираат термоцентралите
Како што е веќе познато, рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ ја исклучи испораката во неколку земји од ЕУ, затоа што одбиле да платат за гас во рубли – вклучувајќи ги Полска, Романија, Бугарија, Финска и Холандија. Но и Германија, Чешката Република, Италија, Австрија и Словачка, исто така, се соочија со намален обем на испорака на гас, што ги зголеми стравувањата за енергетска стабилност.
Со намалувањето на испораките на природен гас во Европа од страна на Русија, неколку земји од ЕУ активно размислуваат да користат јаглен како енергент, за да обезбедат енергетски резерви за следната зима. Германија и Австрија викендов најавија итни мерки за справување со намалениот проток на руски гас. Потегот доаѓа по неколкунеделните кратења на снабдувањето со гас и намалените текови во Европа, што ги поттикна владите на ЕУ да бараат алтернативни резерви и да создадат резерви. Размислувањето е во насока на тоа дека „електроцентралите на јаглен ќе мора да се користат“!
Јагленот како „златна резерва“
Јагленот е сè уште втор по големина извор на електрична енергија во Германија, а војната отвори прозорец за продолжување на неговиот животен век – барем привремено.
„За да се намали потрошувачката на гас, треба да се користи помалку гас за производство на електрична енергија. Наместо тоа, електроцентралите на јаглен ќе мора да се користат повеќе“, се вели во соопштението на германското министерство за економија од 19 јуни.
Одлуката, која следува по минатонеделниот официјален апел до семејствата и бизнисите да штедат енергија, беше опишана од министерот за економија на земјата Роберт Хабек како „горчлива“, но „суштинска“ за намалување на употребата на гас.
Според Лиза Бадум, претседателка на комисијата за климатски промени во германскиот парламент и поранешна портпаролка на партијата на Зелените, одлуката за зголемување на употребата на јаглен во Германија одговара и на посветеноста на земјата да пополни доволен капацитет за складирање гас за следната зима. Како што рече Бадум, сегашното складирање во Германија е со капацитет од 51 отсто. Но земјите од ЕУ се обврзаа да обезбедат капацитетите за складирање да достигнат минимум 80 отсто од нивниот капацитет пред ноември.
На конференцијата во понеделникот, Бадум објасни дека Германија го фаворизира јагленот пред нуклеарната енергија, бидејќи нуклеарните централи се подготвени да бидат затворени и не можат постојано да се вклучуваат и исклучуваат. Најголемата европска економија се очекува да ја заврши својата нуклеарна фаза до крајот на годината.
Австрија, од своја страна, во неделата, на 19 јуни, објави договор со државното претпријатие „Вербунд“ за користење на последната електроцентрала на јаглен во земјата, која моментално е затворена, за производство на електрична енергија од јаглен во вонредна ситуација.
Според политиката РЕПауерЕУ, Европската комисија призна дека оддалечувањето од руските фосилни горива може да ги принуди земјите да користат капацитети за јаглен подолго од очекуваното. Извршната власт на ЕУ, сепак, инсистираше сите земји-членки на ЕУ да останат посветени на целта за намалување на емисиите до 2030 година, поставена во законот на ЕУ за климата. Други земји, како Полска и Бугарија, претходно рекоа дека ќе продолжат да користат јаглен за да обезбедат стабилност на енергетскиот систем на земјата.
Продолжување на животниот век на термоцентралите во Европа
Јагленот е еден од најголемите фактори за климатските промени и загадувањето на воздухот, а продолжувањето на животниот век на електроцентралите на јаглен во Европа веројатно ќе ги зголеми емисиите на јаглерод на краток рок. Сепак, експертите тврдеа дека војната во Украина доведе до зголемени обврски за брза енергетска транзиција од фосилните горива.
Владите прават сè што можат за да обезбедат светлата да останат вклучени оваа зима и да обезбедат снабдување со енергија со оглед на сегашната закана. Но тоа се совпаѓа со зголемена амбиција – рече Чарлс Мур од енергетскиот аналитички центар „Ембер“ за „ЕУобсервер“.
Мур вели дека ова е забележливо, на пример, во Велика Британија, каде што Владата се согласи да го продолжи животниот век на електроцентралите на јаглен во текот на зимата, истовремено зголемувајќи ја целта за обновливи извори на море. Исто така, преориентацијата на ЕУ главно кон увоз на течен природен гас (LNG) е поврзана со зголемување на целта на ЕУ за обновлива енергија. Но останува загриженоста за влијанието на овие краткорочни мерки врз климатските политики и меѓународните обврски.