Никола Димитров, поранешен шеф на дипломатијата и министер за надворешни работи во владата на СДСМ, вели дека францускиот предлог нема да го реши македонско-бугарскиот спор.
– Ако ние имаме аргументи, ако избоксуваме, убедиме доволно е да се повикаме на самата методологија којашто беше француска иницијатива каде има една реченица која вели, никој нема да злоупотребува нерешени билатерални прашања во пристапниот процес. Има расположение меѓу земјите-членки, ако македонската страна сака да ги потсети на овие принципи, и да каже ова можеби можеме да го играме, меѓутоа ова не. Ова ќе го сруши целосно и пристапниот процес, ќе го обезличи и ќе не постави на паркинг без крај. Ние треба да знаеме и граѓаните треба да знаат дека oвој предлог не го решава македонско-бугарскиот спор. Тоа што Радев вели дека македонските Бугари таму не се малцинство, тоа е рамноправен народ со другите народи, притоа не смее да спомени македонски народ. Тоа што они имаат уште резерва кон македонскиот јазик кажува дека ние се уште имаме спор, бидејќи таму има амбиција да се користи европскиот процес за исполнување на бугарските цели – рече Димитров.
Димитров посочи дека прифаќањето на францускиот предлог не значи започнување на формални преговори со Европската унија, односно како што нагласи тој, Република Албанија ќе ги започне преговорите, но Македонија нема да ги започне преговорите, се додека не го смениме Уставот со 2/3 мнозинство, додавајќи дека за ова нема поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.