Сакам да ги охрабрам соседите да продолжат со процесите, смело и решително да го направат одлучувачкиот чекор во завршување на обврските од историскиот Договор од Преспа, затоа што нема да постои друга можност, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во изјава по прифатената оставка на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Алексис Ципрас во четириминутната изјава испрати пораки во повеќе насоки, како до нашата земја, така и до внатрешноста на Грција, но и до членовите на неговата влада.
-Сакам во исто време да испратам порака до нашите соседи кои овие денови ги имаат нивни процеси како што се предвидува од Уставот, за да продолжат кон уставни промени, промена на нивното уставно име, како што предвидува Договорот од Преспа. Сакам да ги охрабрам да одат напред со решителност и смелост, бидејќи нема да постои друга можност. Сакам уште еднаш да изјавам дека Грција нема да прифати интеграција на нашата соседна земја во било која меѓународна организација во која веќе членуваме, во случајов Европската унија и НАТО, со уставно име – Република Македонија, рече грчкиот премиер.
Алексис Ципрас објасни дека со болка во срцето ја прифатил оставката на Коѕијас, истакна дека оваа одлука, но и одлуката тој самиот да го презеде Министерството за надворешни работи во следниот период е одлука со повеќе пораки, како кон надворешноста, така и кон внатрешноста, но и кон неговата влада, дека нема да толерира „никаква лична стратегија во националната линија на земјата“ и во исто време дека нема да толерира од никој, свесно или несвесно, да го загрози текот на земјата кон излез од кризата.
-Решив во следниот период самиот да го преземам Министерството за надворешни работи и неговата одговорност. Испраќајќи во исто време порака дека овој мој избор е избор што ја сигнализира мојата одлучност да направам сѐ што е во мои раце и да обезбедам успешно завршување на историскиот Договор од Преспа што ја надградува меѓународната улога на земјата, рече Ципрас.