Министерот за правда Никола Тупанчески денеска имаше средба со сите директори на затворите, на која беше констатирано дека најголеми проблеми во затворите се преоптовареностa, немањето соодветна здравствена заштита за осудените лица, недостаток на соодветен кадар.
Како што соопштија од Министерството за правда, договорено е веднаш да се отпочне со решавање на наталожените проблеми кои со години се провлекуваат.
– Ќе се интервенира и во Законот за извршување на санкции со цел да се подобрат условите на вработените во затворите. Комуникацијата со директорите на затворите ќе се интензивира во насока на создавање подобри услови за осудените лица и спречување на девијантните појави – се наведува во соопштението на Министерството.
Оттаму посочуваат дека во наредниот период министерот Тупанчески ќе ги посети затворите со цел лично да се запознае со состојбите.
На средбата присуствуваше и директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски.