Четворица добро подготвени маратонци, од кои тројца од Велес и еден од Куманово, ја истрчаа патеката од родниот град на Коста Солев Рацин до местото на неговата погибија на планината Лопушник, Кичевско. Квартетот маратонци во состав Верољуб Додевски, Љубиша Андреиќ, Трајче Михов и Зоран Димов во период од пет дена го реализираа овој маратон.
Тие за да ги издржат напорите што ги бара од нив овој ултра-маратон, повеќе од два месеца интензивно се подготвуваа, за да бидат целосно подготвени за сите предизвици.
– За првпат кога одлучивме да го реализираме ултра-маратонот во чест на Рацин од Велес до Лопушник, повеќе од два месеца интензивно се подготвуваме, свесни за напорите кои не очекуваат на патеката долга над 150 километри. И покрај тоа што не сме премногу млади, сепак без поголем напор ја истрчавме оваа должина и бевме презадоволни што ќе бидеме први кои го реализирале овој ултра-маратон – рече Додевски.
Тој нагласи дека со мали исклучоци и времето било нивен сојузник.
– Во текот на петте дена времето претежно беше задоволително, со исклучок на третиот ден кога од село Дебреште се упативме за Македонски Брод, на превојот Барбарас нѐ зафати силно невреме проследено со дожд и грмотевици. И на самиот крај од маратонот, кога од Лопушник се враќавме за село Ивор, повторно врнежите од дожд беа наш придружник – додаде Додевски.
Тие најавуваат дека и до година ќе биде организиран вториот ултра-маратон со учество на поголем број луѓе од целата земја, кои се подготвени на ваков предизвик, во пет дена да ја истрчаат патеката долга 150 километри – од родниот град на поетот, Велес, до местото на неговата погибија, планината Лопушник. З.А.