ИФАБ ДОНЕСЕ НЕКОЛКУ НОВИ ОДЛУКИ
Бордот на Меѓународната фудбалска асоцијација, одговорен за фудбалските правила, реши привременото правило за пет замени да стане трајно, бројот на резервни играчи да се зголеми на 15, да има уште тестирања за дополнителни трајни замени при потрес на мозокот…, а се разговарало и за воведување објаснувања на судиски одлуки за време на меч, тестирања камери за судиите, потенцијално поправедно пресметување на времето за играње, воведување изведување аут со нога, полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд, која, пак, би можела да биде подготвена за СП 2022…
Бордот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ), одговорен за фудбалските правила, на својот годишен состанок во Доха донесе неколку измени на фудбалските правила. Така, употребата на пет замени по тим во текот на еден меч првично беше воведена во мај 2020 година поради пандемијата на ковид-19 како привремено правило, но сега тоа е вклучено како трајно правило. Исто така, одлучено е бројот на резервни играчи во составите за натпревар да се зголеми од 12 на 15, со дискреција на организаторот на натпреварот.
Биле дискутирани и тестирања, како што се објаснување на одредени судиски одлуки за време на мечевите, потенцијално поправедно пресметување на времето за играње, воведување изведување аут со нога, но дека овие и сите други тестирања бараат дозвола и ќе бидат надгледувани од ИФАБ и од Светската фудбалска федерација (ФИФА). Мерките, вклучувајќи и камери што би ги носеле судиите, исто така, може да се тестираат во обид да се подобри безбедноста на официјалните лица.
И додека од ИФАБ рекоа дека имало разговори за воведување изведување аут со нога наместо со рака, уште нема планови за нивно тестирање, пишува „Би-би-си“.
Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, шеф за глобален развој на ФИФА, лани ја вклучи оваа идеја меѓу неколкуте предлози.
– Беа дадени предлози за тестирање изведување аути со нога. Иако можеби сме малку скептични за некои од овие мерки… ако има некои предлози за да се помогне на играта, нема да го знаеме тоа пред да ги разгледаме, па ќе ги разгледаме и овие предлози – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пренесе „Би-би-си“.
Во фудбалот се изведуваат аути со рака уште од 1860-тите години, при што Фудбалската асоцијација (ФА) ја отстранила опцијата за изведување аут со нога во 1863 година, пишува „Би-би-си“. Говорејќи минатата година, Венгер рече дека аутите и слободните удари се „двата големи потрошувачи на времето во моментов“. Тој додаде: „Целта е да се направи играта поспектакуларна и побрза, можеби тоа би било со аути со нога, на пример, во рок од пет секунди. Но тоа мора да се тестира и потоа да биде прифатено од ИФАБ“, пренесува „Би-би-си“.
Полуавтоматизираната технологија за видеопомошник-судија (ВАР) би можела да биде подготвена навреме за Светското првенство (СП) во Катар, пишува „Би-би-си“. Инфантино рече дека одлуката ќе биде донесена пред почетокот на СП, но Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА, додаде: „Уверен сум дека може да се користи“, пренесе „Би-би-си“. Технологијата, која користи автоматско откривање на топката за да овозможи офсајди да се одредуваат во рок од неколку секунди, ќе продолжи да се тестира.
Тестирањето дополнителни трајни замени при потрес на мозокот е продолжено до август 2023 година, и покрај повиците на активистите за воведување привремени замени при такви случаи. ИФАБ првично одобри проба што дозволи само трајни замени со потрес на мозокот во декември 2020 година, и покрај тоа што Здружението на професионални фудбалери повика да се вклучат привремени замени како дел од тестирањето, пишува „Би-би-си“. Правилото дозволува да се направи трајна замена доколку играчот претрпи повреда на главата, без оглед на бројот на замени што тимот веќе ги користел.
– Членовите се согласија дека испитувањата треба да продолжат да се фокусираат на трајно отстранување на кој било играч со вистински или можен потрес на мозокот за да се осигури дека тој играч нема да продолжи да игра на тој меч. Договорено е дека е потребна дополнителна едукација за да се осигури дека протоколите за испитување се применуваат правилно – рекоа од ИФАБ.