Семејството Крстески од Тетово за место на крштевање на нивниот осуммесечен син ја избра манастирска црква “Свети Великомаченик Георгиј Победоносец” во тетовска Мала Речица. На тој начин оваа црква целосно го заживува народно-црковниот живот со оглед дека во 2001 година беше уништена, а обновата траеше од 2009 до 2017. Во октомври 2017 беше извршено и осветувањето, а при обновата се изградени сите пропратни објекти.

-Конечно и со ваква свеченост, крштевка, се враќа комплетниот црковно народен живот во оваа наша црква. Се надевам дека ова ќе биде поттик за многу родители своите чеда да ги крштеваат, а младите парови да се венчаваат во овој божји храм -изјави протоереј ставрофор Мирко Станковски.

Во текот на обновата на црквата изградени се конакот со трпезарија, кујна и летниковец каде има можност се седнат 100 луѓе. Исто така е уреден манастирскиот двор. Иницијативниот одбор за обновување се труди да ги обезбеди сите услови за враќање на верниците кон ова вековно светилиште, како во празничните денови така и во деновите од викендите.

-Секој викенд тука престојуваат и членовите на црковниот одбор кои и понатаму работат на физичкото одржување и подобрување на условите за да можат верниците да дојдат во посета на црквата како и да престојуваатна отворено како на излет – рече отец Станковски.

Манастирскиот комплекс „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец” во Мала Речица е сместен во подножјето на Шар Планина, на надморска височина од 490 метри. Беше опожарен во декември 2001 година. Десет години потоа беше покрената иницијатива за обновување на оваа црква која според некои податоци датира од 13 тиот и 14 тиот век, два пати уништена во времето на турското владеење и повторно изградена во 1936 година врз старите темели.

А.С.