Пред секое заминување на риболов, потребно е да се изврши проверка на рибарските стапови и на соодветниот прибор, кој рибарот го носи со себе. Кога станува збор за рибарскиот стап, прво треба да се обрне внимание да не има евентуалното оштетување на водилката или т.н. окце што му штети на конецот, така што во краток временски период може да се случи да се има речиси неупотреблив конец, кој и при најмал отпор би се скинал.

Понатаму, потребно е да се прегледа секој дел од рибарскиот стап, за негде случајно да не има некоја пукнатина, во спротивно таквиот рибарски стап брзо ќе се скрши. Неговиот врв е најчувствителен и затоа посебно треба да се внимава при транспортот и спуштањето во риболов на тврди подлоги, потоа при зафрлувањето на јадицата, па на опасноста од гранки и грмушки итн.

Целиот прибор како и рибарските стапови е потребно да се чуваат на суво место без влага. Потребно е приборот за риболов да се прегледа, да се исфрлат неупотребливите и да се остават само неопходните работи, за да не се носат непотребно.

Денес постојат специјални материјали што се ставаат во торбата или во кутијата со прибор, а кои спречуваат кородирање на деловите од рибарскиот прибор. Рибарските стапови треба да се чуваат и да се транспортираат во квалитетни футроли, а не да се носат во раце.

Домашното подредувањето на рибарските стапови е, исто така, значајно. Тие треба да се сместени во своите футроли, за да можат на тој начин да се користат многу подолго за разлика од оние што се чуваат во разни гаражи, подруми или шупи и без футроли.
Исто така, потребно е и машинката редовно да се подмачкува и тоа најмалку барем еднаш во годината, потоа да се чисти од кал, песок и од ситни камчиња, кои постојано влегуваат во неа при риболовот.


Лов на диви свињи со копје

Постојат многу методи и оружја со кои може многу успешно да се ловат диви животни, а посебно дивите свињи, како што се лакот и стрелата и самострелот. Во САД овој вид лов станува сѐ попопуларен, а најнов тренд, кој оди во нагорна линија, е ловот на диви свињи со помош на копје.
Ловџиите, кои, пак, со често вежбање ќе научат добро да стрелаат со помош на копје, можат да бидат многу успешни во ловот, но на еден мошне традиционален начин, со кој всушност дивите свињи се ловеле пред неколку илјади години.
Со прецизен удар на копјето дивата свиња останува на самото место. Секако, притоа треба добро да се води сметка, дали дивата свиња е вистински погодена или е само ранета. Затоа ловџијата не треба брзо и преблиску да се доближува до неа, туку по извесно минато време.
Обично нападот на дивата свиња се врши од високо место, поточно од чека или, пак, од некое дрво каде што ловџијата ќе има добар преглед на ситуацијата, а со тоа ќе може и попрецизно да го упати копјето кон посакуваната цел.


До 31 јануари забрана за лов на пастрмки

Моментно во сила е забраната за риболов на пастрмка на реката Вардар, реон 3 (скопски), која стапи во сила на 1 октомври, а ќе трае до 31 јануари 2019 година. На реката Треска, пак, во сила е целосна забрана поради мрестот на пастрмката, така што контролите се зачестени и се со присуство на државен инспектор. Сите што ќе бидат затекнати како ловат каде што е забрането, ќе добијат соодветна казна. За риболовците и за мрежарите со недозволени средства за време на мрестот, законот предвидува и кривични пријави.
На реките Вардар и Лепенец, освен за пастрмката, риболовот е дозволен за сите видови риби. Исто така, чуварите во текот на овие месеци ќе ги проверуваат и чуварките на риболовците, па затоа треба случајно уловените пастрмки од страна на риболовците, веднаш да се вратат во водата.