На вториот ден од собраниската дебата за уставните измени претставниците од власта и опозицијата продолжија да ги спротивставуваат ставовите околу
точката на дневниот ред, но и за редица други теми што дискутантите ги начнуваа или си реплицираа меѓусебно. Општ впечаток е дека и вториот ден од расправата поминува во жолчна полемика без приближување на ставовите. Познатите партиски ставови искажани претходно на прес-конференции и во изјави, сега се слушаа и од собраниската говорница, каде што на расправата за уставните измени пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој по професија е актер, раскажуваше расказ од Живко Чинго и тоа беше поздравено со аплауз од пратениците од опозицијата. Јовановски го повика премиерот Зоран Заев да не ги притиска пратениците да го притиснат копчето „за“ предлогот за пристапување кон измени на Уставот, туку да седне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и да најдат решение.
– Немојте да нè притискате нас пратениците да стиснеме копче. Затворете се пет дена со Христијан Мицкоски и најдете решение. Ниту вие ниту Мицкоски е пратеник. Сè и сешто се изнаслушавме деновиве. Народот е поделен, општеството е поделено. Јас нема да гласам за договорот од Нивици, бидејќи не беа исполнети двата услова предвидени со Уставот за референдумот да биде успешен. Затоа јас немам мандат од граѓаните да гласам – рече Јованоски. Премиерот Зоран Заев во репликата на говорот на Јовановски повтори дека без договор со Грција нема НАТО и ЕУ.
– Јас секогаш сум за дијалог. Апсолутно не ми паѓа на памет и не смеам да вршам притисок врз институциите и судиите. Треба да си простиме, оттука се тргнува. Имавме лидерски средби на кои Мицкоски побара техничка влада, ја доби, побара претседател на Државната изборна комисија (ДИК), доби, ги легализиравме финансиите на политичките партии и го решивме финансирањето. Останува низ дебата да најдеме решение – рече Заев. Премиерот објасни дека целта на спогодбата е да најдеме решение, да ги закопаме секирите, да се помириме и да најдеме простор за иднината, за соработката.
Пратеничката Никица Корубин од ЛДП на вчерашната собраниска седница се изјасни дека ќе ги поддржи уставните измените и нагласи, меѓу другото, оти е потребно без емоции, со разум да се пристапи кон процесот како обврска за иднината, која не смее да се испушти.
Во меѓувреме парламентарното мнозинство неколкупати повикуваше на одговорност и заедништво и посочи дека подобар договор од овој не може да има и доколку тој се отфрли, тогаш на државата ѝ се заканува изолација. Опозицијата, пак, посочи дека договорот од Преспа е штетен, противуставен и политички мртов. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на вчерашното второ продолжение на собраниската седница побара на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да му се овозможи да се обрати од собраниската говорница пред пратениците и граѓаните. Но, како што објасни Џафери, во Собранието не постои таква можност во деловникот што би му овозможила да го покани Мицкоски. Инаку, расправата во Собранието за уставните измени се очекува да продолжи и денеска, а за неа досега се имаат пријавено околу 60 пратеници за збор.