ОН ја повикаа меѓународната коалиција предводена од Саудиска Арабија, која војува
на страната на јеменската влада, да ги прекине нападите во кои гинат цивили и поради кои хуманитарната криза може да стане „најлош глад во светот во изминатите сто години“
Обединетите нации предупредија дека околу 13 милиони луѓе се соочени со опасноста од глад во Јемен, кој е разурнат од три и полгодишната граѓанска војна. ОН ја повикаа меѓународната коалиција предводена од Саудиска Арабија, која војува на страната на јеменската влада, да ги прекине нападите во кои гинат цивили и поради кои хуманитарната криза може да стане „најлош глад во светот во изминатите 100 години“, пренесува Би-би-си.
Судирите во Јемен почнаа во 2014 година, кога Хутите зазедоа поголем дел од државата, меѓу кои и главниот град Сана. Конфликтот ескалира во 2015 година, кога Саудиска Арабија со своите сунитски сојузници се вмеша во војната против бунтовниците што ги поддржува Иран. Повеќе од 10.000 луѓе се убиени и милиони се раселени во војната, а предизвика тешко разорување на најсиромашната држава во арапскиот свет.
Според ОН, ако војната продолжи, земјата во наредните три месеци целосно ќе биде „проголтана“ од гладот. Лиза Гранде, координаторка на ОН за Јемен, порача дека е незамисливо светот во 21 век да се соочи со глад каков што минатиот век беше регистрирана во Етиопија, Бенгал и делови на Советскиот Сојуз.
– Многумина од нас беа убедени дека тоа никогаш нема да се повтори и сепак реалноста е дека во Јемен се случува токму тоа – истакна Гранде.
Коментарите на Гранде следуваат откако ОН и хуманитарните работници го осудија саудискиот воздушен напад врз шиитските бунтовници во пристанишниот град Ходеида, при што најмалку 15 лица беа убиени, а над дваесетина се ранети.
– Агенциите на ОН што работат во Јемен едногласно го осудуваат нападот врз цивилите. Според меѓународното хуманитарно право, завојуваните страни имаат должност да ги почитуваат принципите на претпазливост, пропорционалност и разликување. Завојуваните страни мора да сторат сѐ за да ги заштитат цивилите, а не да ги ранат или убијат.
Ходеида е клучно пристаниште, преку кое пристигнува хуманитарната помош од ОН и други организации, а градот стана централно жариште на јеменскиот конфликт, при што копнените сили на коалицијата се обидуваат да ги протераат бунтовниците.