Фото: З.А.

Ултра-маратонот долг 150 километри на релација од Велес до местото на погибијата на Коста Солев Рацин на планината Лопушник, се ближи кон самиот крај.

Четворица маратонци во состав Верољуб Додевски,Љубиша Андреиќ,Трајче Михов и Зоран Димов со секојдневно изминати по 30 километри, ќе го совладаат ова растојание за пет дена со неколку попатни ноќевања.

Фото: З.А.

– Нашиот ултра- маратон започна во четврток на 9 јуни во раните претпладневни часови, а ќе заврши утре напладне со пристигнување на споменикот подигнат во чест на Кочо Рацин на планината Лопушник.
Во изминатите денови и покрај дождливото време, сепак со планираната динамика успеавме да совладаме повеќе од две третини од зацртаната рута. Попатно ноќевавме во село Богомила, село Костинци, прилепско, синоќа ноќевавме во Македонски Брод, a вечерва ќе пристигнеме во Кичево на нашето последно ноќевање, од каде утре претпладне од село Извор со претставниците од општините и останатите присутни ќе се упатиме на планината Лопушник, каде ќе положиме букети свежо цвеќе, со што ќе заврши и нашиот прв ултра- маратон – истакна Верољуб Додевски, еден од учесниците на овој маратон кој посочи дека тројца од четворицата маратонци се од Велес, додека четвртиот маратонец Љубиша Андреиќ е од Куманово.
Маратонците во поедини етапи се движеле по шумски патишта, додека на одредени релации се движеле по асфалтен пат.

З.A.