Уникатен спој на сликарството и на македонската поезија носи изложбата „Допирот има меморија“, која ќе биде отворена во вторник, во 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ). Уметницата Ѓоргина Спасевска ќе им овозможи на лицата со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на едно сосема поинакво ниво.
На изложбата ќе бидат презентирани уметнички дела создадени без визуелни граници, со можност преку Брајовото писмо, лицата со оштетен вид да ја доживеат уметноста на поинаков, единствен и моќен начин. Со допирање на површината на платното ќе се откријат зборови, цитати од македонската поезија, кои ќе ја направат конекцијата меѓу зборот и сликата, делото и замислата.
Дополнително, некои од делата ќе бидат покриени со тенок слој јаглен, со што со секој допир, луѓето ќе учествуваат во континуираното создавање на уметничките дела. Сликите се изработени во техниката акрил на платно.
Спасевска се занимава со создавање уметност повеќе од 20 години, од кои последните неколку години и професионално. Учествувала на повеќе уметнички настани и изложби, дел е од иницијативата „Донирај уметност“ и уште многу други. Авторка е и на две самостојни изложби.