Палењето на клубот во Битола нема да ги наруши односите меѓу двете земји, рече бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска за време на денешната посета на Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Шефицата на бугарската дипломатија денес и утре ќе престојува во работна посета на Македонија која се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на Македонија.
Генчовска во Битола се сретна и со претставници од битолската полиција.
-Како што ме увери началникот на битолската полиција преземени се сите мерки и во најскоро време ќе следат резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот – рече министерката.
Таа, одговарајки на новинарско прашање, рече дека ова никогаш не би можело да биде провокација од бугарска страна. Сепак, истакна дека името на клубот нема да се менува и дека со министерот Османи продолжуваат со, како што рече, многу конструктивниот дијалог.
-Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија да биде исполнет договорот – рече Генчовска.
Во врска со прашањето дали Бугарија ќе го дигне ветото во јуни Генчовска рече дека тоа зависи од Македонија и европските партнери.