За цените на основните прехранбени производи и за состојбата во продавниците „Нова Македонија“ повторно ќе информира во текот на денов

По метежите кои претходните денови се случуваа во многу маркети, рано утрово тие беа причично празни. Но празни беа и многу од рафтовите. Во дел од маркетите нема брашно, сончогледово масло за јадење и ориз, а во некои има само мали количества од нив. Онаму каде што го има маслото се продава за цена од околу 155 денари.

-Има сè, не сме стасале да наредиме и да промениме цени – искоментира утрово вработена во скопска продавница.

Од денеска престануваат да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.

Во изминатите три месеци, ДДВ-то за лебот, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата беше намалено од пет на нула проценти, а на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи.

Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергенсите.

Веќе не важат антикризните мерки, ДДВ за храна се враќа на пет, а за горивата на 18 проценти

Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите.

Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Повисоките цени на горивата вчера направија големи колони возила на бензинските пумпи.

Долги колони на бензинските

Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

Н.Б.З.