Македонската стратегиска релевантност во украинската војна

Тоа што може да нѐ згрее е дека нашата релевантност допрва доаѓа. Ние слободно можеме на Швеѓаните и на Финците да им ги споделиме најдобрите практики од 30 години чекање пред врата во услови кога влезот ви е егзистенционален. Па, онака европски (поради поинаквата перспектива на нештата) да ги прегрнеме бесплатно и да им кажеме дека ја разбираме нивната загриженост и, како што си спомнувам своевремено, Батлер, ми се чини, ги користеше македонските мудрости велејќи дека во трпението е спасението

Како речиси и секоја војна во поновата историја, за која било известувано кај нас, така и војната во Украина од главна и топ-тема полека навлегува во секојдневие и се претопува во статистика. Медиумите во државата, иако изгледа сме единствени во регионот, сѐ помалку внимание посветуваат на овој феномен. Оправдано или не, сакајќи или не, со тоа несвесно влијаат врз создавање вакуум, кој, за жал, се пополнува преку самоинформирање од интернет и апликациите за социјални медиуми. Проблемот со овој начин на информирање (иако сѐ е апсолутно демократски – ова е без ронка иронија) е во тоа што содржината на информациите може да се креира од кој било учесник. Уште повеќе таа (информацијата) не само што професионално не се следи и за неа да се даваат ставови туку се креира – произведува.
На тој начин се креира медиумски вакуум што е пополнет со содржина што може да биде сериозен проблем, особено во влијанието за став по однос на нештата. Една сериозна фалинка на која демократијата кај нас (иако во западниот свет онаму каде што се стремиме) е сериозно адресирана, која е услов за дезинформации и манипулации. Тоа подоцна се рефлектира на ерозија на вербата во водството и, секако, поделеност во јавната дебата и реч. Само, да не се разбереме лошо. Не е тоа единствената причина за инверзијата на влијанието и покрај асиметричноста во напорите – на пример, ако ги измерите во потрошени долари и евра наспроти потрошени рубли и јени. Тоа, драги мои, се параметри што упатуваат кон индикатори што допираат во самата матрица преку која се операционализира инженерингот на „транзишанингот“, кој, за жал, „ф—инг“ ни се случува 30 и кусур години и никако да ни се случи. Дури почна да пројавува и нуспојави. Па ние од надвор ќе почнеме уште малку да ги „советуеме“ модел-демократиите како Финска и Шведска, за тоа како да си го решат проблемот со „билатеризацијата“ на колективизмот генерирана од европскиот провинционализам, и тоа тука од Балканот.

Да, драги мои, од оние што глумат „највечи“ Европејци по семинари, конференции, работилници, спрема нас што „енос“ треба да се демократизираме. За „дежа ви-то“ по дома од „елитата“ (како да сме 2009-та по Букурешт) нема да говориме сега. Едноставно, како и за многу работи досега ќе кажеме нејсе. Тоа е што е. Интересен феномен што додека кај нас се спие за темата, а кој ја разбранува европската безбедносна јавност, посебно по објавувањето на стратегискиот компас на ЕУ, е интерпретацијата на ставот на официјален Париз, Рим и Берлин, кој, барем според коментарите, е спротивен на официјалните напори на САД, ВБ и голем дел од североисточните и источните европски земји по однос на Украина. За да биде полесно, за љубителите на форумот ќе ја сумираме (или би нашле НЗС) на дилемата што ја вжешти дебатата во Европа. Поделбата е околу пристапот кон Русија. Посебно, откако како што опишавме во минатиот број оперативно, а во претходните писанија објаснивме и како гледано правно, политички и економски Русија има поинаков пристап на мерење на успехот и ефективноста од онаа на Западот. За последните аспекти топло ви препорачувам да си ги препрочитате писанијата од крајот на февруари и првата половина на март. Сепак, муабетот ни беше дека дилемата кај европските лидери е како понатаму со Русија. Дали Европа може да постигне поголема безбедност ако на Русија, сепак, ѝ се отстапат или угодат дел од барањата во Украина или, пак, за да се подобри европската безбедност ќе треба да се следи моделот на САД стратегиски да се ослабне Русија до толку да не може да биде „були“-олош/насилник во регионот. Ваквите ставови само колку да бидеме попрецизни имаат свои интерпретации од типот дали сега е време да се бара прекин на огнот или, пак, на Украина треба да ѝ се помогне сега кога Русија (според западните анализи) има криза во замена на силите на исток од Украина.

Она што за нас е посебно интересно, а пак е верзија од дилемата е дали на Украина местото ѝ е надвор од ЕУ и со тоа на Русија ќе ѝ се телефонира дека Европа не сака да се „р’чка“ со прашањето за Украина или, пак, европските интеграции навистина се лекот за поголема стабилност и безбедност, кои треба да го донесат посакуваниот просперитет и ќе се направи сѐ за да стане Украина дел од таа фамилија. За оние пак што се занимаваат со идејата за европските сили – поврзано со новиот стратегиски компас на ЕУ, дилемата би одела на релација дали е дојдено време за нова европска безбедносна архитектура што ќе ја консолидира Русија (на каков и да било начин) или, пак, Русија е генерална закана за Европа и тоа е неизбежно. Но додека овие дилеми ги мачат европските лидери, дел од академската јавност и експертите што се позиционираат на една од двете дилеми поитаа да дадат свое видување за тоа што треба да се направи со Русија. Едно од можеби најсподелуваните и наедно најкритикувани беше статијата за деколонизација на Русија. Во него се поставуваат дилеми што се на страна на „англосаксонските“ позиции, кои сметаат дека со Русија треба да се раскрсти докрај. Наспроти ова, Французите се докрај префинети во вокабуларот, па тоа што на Балканот отворено се перципира како опасност од тотален стратегиски дискурс помеѓу западните сојузници во Франција се артикулира како „фундаментална разлика во тоа како гледате на нештата“. Во тој контекст, за Макрон, целосна победа на Русија, наспроти запирање на она што Русија го прави се две различни работи. Во таа насока, Зеленски во интервјуто дадено за италијанските мајнстрим-медиуми, според оваа теза, не е во право кога го обвинува Макрон дека е подготвен да проголта Украина да биде расцепена (да ѝ даде дел на Русија). Слични се критиките и кон Шулц, кому Украинците му се екстремно лути, поради моралната, а не фактичка поддршка. Ставовите околу ова се поделени. Латентната конфронтација (или различните перспективи кон проблемот што би рекле нашите пријатели) помеѓу лидерите на Западна Европа, Германија, Франција и Италија, наспроти Англосаксонците и Источноевропејците се движи од најблаги до најсериозни причини, кои допираат во сржта на опасноста од разбивање на единството.

Најблаго кажано, Макрон ја сфати грешката кога ја испушти можноста да поентира како што го стори тоа Џонсон, па сега му треба поинаков став, кој ќе го направи силен пред Франција и ќе потврди дека не се само бледа сенка на САД. Најекстремно, сепак, разликите, според критиките, одат дотаму дека ваквите позиционирања потекнуваат од стравот за релевантноста во новиот поредок. Според последните гледишта и анализи, фактот дека Украина ќе победи без сериозна поддршка на Германија и на Франција, ги смрзнува Берлин и Париз за нивната идна релевантност во новиот светски поредок. Независно што е точно, едно е јасно. Со ваквите разлики ЕУ е најголемиот губитник, бидејќи ЕУ ја губи битката за стратегиската релевантност. Истовремено, додека некои реномирани куќи од областа на безбедноста очајно се обидуваат со натписи да го релативизираат фактот за опасноста од евентуален стратегиски пресврт на истокот од Украина поставувајќи глупи тези како „зошто е релевантен Северодонетск“, Русија, како што и укажавме во минатиот број, има друга логика и мерење на успехот, кој полека, но сигурно ја бои картата на истокот од Украина во црвено. Намигнувањата на руската поморска група кон Одеса, најверојатно, се следниот чекор, што ќе биде сериозен проблем. Во исто време, тоа што може да нѝ згрее е дека нашата релевантност допрва доаѓа. Ние слободно можеме на Швеѓаните и на Финците да им ги споделиме најдобрите практики од 30 години чекање пред врата во услови кога влезот ви е егзистенционален. Па, онака европски (поради поинаквата перспектива на нештата) да ги прегрнеме бесплатно и да им кажеме дека ја разбираме нивната загриженост и, како што си спомнувам своевремено, Батлер, ми се чини, ги користеше македонските мудрости велејќи дека во трпението е спасението. Уште повеќе со уште една македонска максима да ги утешиме дека „секое лошо е за добро“ и онака да заклучиме, надминувајќи се себеси во креативноста на дипломатијата, да ги посоветуваме оти, најверојатно, Ердоган е спасителот на светот оти со ветото нѐ спасува од евентуален нуклеарен конфликт.

Методи Хаџи-Јанев

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.)