Денеска напладне на плоштадот во Крушево треба да пристигнат маратонците, кои во чест на Тоше Проески го истрчаа маратонот од Нова Градишка до неговиот роден град. Претходно во 11 часот тие ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење.
Маратонците го почнаа својот 11-ти Меморијален маратон од фудбалското игралиште, поздравени од жителите на Нова Градишка и од обожавателите на Тоше. Тие тргнаа на 14 октомври во 17 часот, откако положија цвеќе пред споменикот на Проески, што се наоѓа во дворот на Електротехничкото и Економско училиште во овој хрватски град, каде што, за жал, заврши младиот живот на нашиот најпознат пејач.
Инаку на 18 август група кавадарчани ја почнаа велосипедска тура „Од срце за Тоше“ и со велосипеди тргнаа од Нова Градишка, каде што загина македонскиот пејач и за 8 дена поминаа околу 1.100 километри до неговото Крушево. Деновиве во Крушево веќе пристигнаа негови почитувачи од целиот Балкан, меѓу кои се и Дариа Илиќ од Словенија, Наташа Кондрашова од Русија. Се очекува и доаѓањето на обожаватели од Хрватска, Бугарија, Србија, и секако од цела Македонија. Во Крушево е завршено и снимањето за спотот на насловната песна „Secret place“ на новиот, постхумен албум што ќе биде промовиран на мегаконцерт што во чест на Тоше ќе се одржи на 2 ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Од фондацијата „Тодор Проески“ велат дека се очекува да дојдат голем број балкански ѕвезди што ќе исполнат негови песни.
Поради овој настан годинава не се одржа и манифестацијата „Ѕвездено небо“ за Тоше на 5 октомври на плоштадот во Скопје. Но тоа не спречи стотина негови обожаватели од целиот свет самите да направат свое ѕвездено небо и да објават слики на социјалните мрежи. Една од нив го стори тоа на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Новиот албум со наслов „Secret place“ содржи нови, досега необјавени песни од Тоше Проески, а музичкиот материјал се работел во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт. Комплетниот материјал е во постпродукција, а од продукцијата задолжена за снимањето велат дека нема да откриваат ништо, нека биде изненадување со многу емоции посветени на Тоше, музиката, недокажаните нешта, неизживените години…
Тоше загина на денешен ден пред 11 години, на дваесет и седумгодишна возраст, во сообраќајка несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај Нова Градишка. Овој несреќен случај ја потресе целата балканска јавност, неговите обожаватели, колегите од естрадата, па дури и оние што не беа обожаватели на неговата музика бидејќи Тоше важеше за најголема поп-ѕвезда на овие простори. Проески беше погребен во неговото родно место, Крушево, со највисока државна почест. По смртта, прогласен е за почесен граѓанин на Македонија, а во Крушево е подигнат меморијален центар во негова чест.