Една од најголемите глумици во некогашна Југославија, Милена Дравиќ, само неколку дена откако наполни 78 години се збогува со животот и замина во вечноста. Ќе ја паметиме по над сто улоги на филм, во театар, на телевизија, а најпознати се нејзините улоги во „Битката на Неретва“, „Козара“, „Прекубројна“, „Утро“, „Зона Замфирова“, „Мојот татко на одредено време“…, а глумеше и со Бред Пит, на самите негови почетоци во филмот „Темната страна на сонцето“. Освен големиот број награди што ги доби, за кои самата велеше дека се и премногу, Милена е овенчана и со „златна палма“ на Филмскиот фестивал во Кан.
Последните овации таа ги доживеа летоска, во арената во Пула, каде што беше наградена за животно дело, кога илјадници луѓе простум аплаудирајќи ѝ оддадоа почит на големата дива.
Последното интервју големата актерка го даде за Мишко Иванов, новинар во телевизијата „24“, за неговиот серијал „Патот до успехот“.
„Пролетва во Белград, кога снимавме со уште една легенда на југословенското глумиште Воја Брајовиќ, ја побаравме Милена за да ја поканиме да гостува во ’Патот до успехот’. Се согласи на интервју, иако поради болестите што ја измачуваа, таа бегаше од камерите. Кога го договаравме интервјуто, прво ме праша колку време трае снимањето, откако ѝ реков 3-4 часа, се замисли, ме праша: ’Мишко, не знам дали ќе можам да издржам толку. Ова време, ова расцутување на липите ми го отежнува дишењето. Уште повеќе што по смртта на Гага, одбегнував интервјуа’. Се договоривме пред почетокот на летото да го направиме интервјуто. Дојдете во ’Чубура’, култна белградска кафеана, нѐ покани Дравиќ. Уживање беше разговорот со личност како неа, неверојатно. По снимањето, нѐ покани мене, Александар и Сашко малку да одмориме, пред да тргнеме накај Скопје.
Персоналот во кафеаната нѐ замоли да седнеме и почнаа да изнесуваат специјалитети. ’Ова е поздрав до вас и Милена, од сопственичката на локалот. Чест ѝ е што сте нејзини гости’, рекоа. По официјалниот дел, по снимањето, останавме уште 2-3 часа, на муабетот му немаше крај. Со насолзени очи и грутка во градиве го пишувам овој пост, но бидејќи великаните никогаш не умираат и ќе живеат додека живеат нивните дела, и јас со задоволство повторно ќе го изгледам интервјуто со Милена, присетувајќи се на нејзината ведрина, благодат, смиреност, топлина и величина и покрај болестите што ја тиштеа. Почивај во мир, великанке Милена Дравиќ“, напиша Мишко Иванов на својот фејсбук-профил.
Глумецот Васил Зафирчев од Милена се раздели со зборовите: „Нѐ напушти уште една легенда. А ние станавме посиромашни за едно вистинско значење и вредност. Нејзиното заминување го означува крајот на една ера, која ја обележија најдобрите. Милена Дравиќ – најголемата ѕвезда на српската и југословенската кинематографија. Дива со вечен сјај!“
А пејачката Тања Царовска исто така има само убави зборови за скромната филмска ѕвезда.
„Лондон 2013. Каква чест ми беше што имав можност да ја запознаам, да пеам пред неа и да ме седнат до неа на маса за да се дружиме и изнамуабетиме цела вечер како стари другарки од прво видување, зборувајќи за музиката, ролеркостерот живот уметнички и љубовта. Никаква помпезност или фама околу себе, мојата идолка од детство, големата актерка да ти била баш како што ја замислував, огромна богата душа, мудра, отворена, искрена, достапна и толку многу драга. Нека ѝ е мирен патот до вечноста“, напиша Царовска.
Ирена Ристиќ со своите пријатели на социјалните мрежи сподели еден убав спомен поврзан со нејзината кариера, но и со средба со Милена Дравиќ.
„Гостуваше во Охрид таа 1993, со ’Женски разговори’ од Душко Радовиќ. Јас веќе бев решила да одам на ФДУ, но немав избрано монолог. Нејзината игра ме воодушеви и по настапот ѝ отидов во гардероба. Се претставив, кажав што сакам. Внимателно ме сослуша и рече: ’Јас одам на пат, но преку Светлана Бојковиќ ќе ти ги испратам монолозите што вечерва не ги играв, за да не ме имитираш кога ќе одиш на приемен, туку да ги подготвиш по твое…’ За една недела, поштар, розов плик. Го чувам до денешен ден. Преостанатото го знаете. Не заборави ’копиљанка’ од Охрид што сака да стане глумица. Ете, толку беше голема. Почивај во мир, драга Милена“, се потсети Ирена Ристиќ.
За симпатиите на Милена Дравиќ за Македонија говори и нејзиниот одговор што му го дала на новинарот Борче Грозданов на прашањето што за неа значи учеството во македонската кинематографија.
– Македонија и времето поминато во неа се неодминлив дел од мојот живот. И Македонија беше моја татковина, земја на моето раѓање, мојата младост и созревање. Каде и да одев, во Пула, Венеција, Кан, Лондон или Париз, јас како уметник, меѓу другите, и неа ја претставував како дел од нашата тогашна татковина Југославија. Никогаш нема да биде заборавен тој дел од мојот живот. И денес го имам тоа чувство, пред сѐ затоа што секогаш кога ќе дојдам овде се чувствувам како добредојдена гостинка. Кај вас и понатаму ја имам својата публика, која ме цени и се радува на она што го работам – изјавила Милена Дравиќ.
Посмртните останки на познатата српска и балканска актерка ќе бидат погребени в петок, во Алејата за заслужните граѓани во Белград, покрај нејзиниот животен сопатник и партнер, со кого помина 45 години, глумецот Драган Николиќ, соопштија од српското собрание.