„Трофејот собира прашина, спомените траат вечно”, е мотото под кое училиштето „Панајот Гиновски” во скопски Бутел, го одбележа патрониот празник. За прв пат годинава, наместо со песни и музички точки, учениците се натпреваруваа во фудбал, гимнастика и во кантри крос трчање. Фудбалскиот натпревар се одржа меѓу екипата на наставниците од училиштето и онаа на учениците, во која играше и градоначалникот на општината, Дарко Костовски.
Фудбалскиот натпревар заврши нерешено (2:2) и со многу забава.
– Денеска игравме, се натпреваруваме, ја предизвикуваме младоста и зрелоста – учениците и наставниците. Идејата за ваквиот начин на одбележување доаѓа од ученичкиот парламент. Оттаму побараа годинава настанот да се одбележи преку спортски активности. Момчињата играат фудбал, а девојчињата одбојка. Штафета играа дечињата од пониските одделенија – вели Благородна Сотиров, директорката на училиштето.
Одделенскиот наставник Мартин Поповски и деветтооделенецот Андреј Василевски, по повод патрониот празник поделија покани во сите шест основни училишта и една градинка.
– Малиот теквондо самурај беше со велосипед, а јас со моите брзи патики. Поминавме 26 километри со 432 метри елевација. Оваа активност јас сигурно ќе ја памтам долго и се надевам дека примерот којшто го даваме со Андреј ќе го следат многумина, бидејќи спортот нѐ прави подобри личности – рече Поповски.