Нова Љубљанска банка(НЛБ) и Словенскиот државен холдинг(СДХ) како претставник на нејзиниот сопственик, објавија денеска намера за продажба на мнозинскиот пакет акции на најголемата словенечка банка до крајот на оваа година, по пат на иницијална јавна понуда на акции.
Намерата за прва јавна понуда на акциите на НЛБ на љубљанската и лондонската берза се однесува на најмалку 50 отсто плус една акција на банката, а најмногу на 75 отсто минус една акција, објавено е на интернет страницата на Љубљанска берза и во соопштенијата на НЛБ и СДХ.
Во најголемата словенечка банка очекуваат проспектот за спроведување на иницијалната јавна понуда би можел да биде објавен на 26 октомври на порталот на Љубљанска берза, што би значело и официјален почеток на продажната постапка.
На малите индивидуални акционери на откуп ќе им се понуди 10 отсто од НЛБ, додека за остатокот се очекува учество на институционални инвеститори.