Фото: Игор Бансколиев

Металург со својата активност на татамите оствари огромен резултат на клупски и на репрезентативен план. Притоа секој негов член, од самиот почеток до денес, вложи голем напор каратето да стане еден од најтрофејните спортови во Македонија. Токму затоа сите поранешни и сегашни членови на клубот се горди за досега оствареното. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме во ист стил, рече, меѓу другото, во поздравниот говор, долгогодишниот и актуелен тренер на Металург, Мирче Јанушевски

СВЕЧЕНО ПРОСЛАВЕН ЈУБИЛЕЈОТ 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ И УСПЕШНА АКТИВНОСТ

Повеќекратниот клупски карате-првак на Македонија, Металург, во саботата, во хотелот „Континентал“ во Скопје, во присуство на голем број спортисти, поранешни и сегашни членови на клубот, тренери, спортски функционери и гости, кои придонеле во неговиот досегашен успешен развој полн со мноштво пехари и медали (поединечни и екипни), свечено го одбележа јубилејот 50 години постоење и успешна активност на татамите. Клубот е формиран во 1969 година, а одбележувањето на јубилејот беше одложено за три години поради пандемијата на ковид-19.
„Челичната тупаница“ од Автокоманда го воздигна македонското карате на едно многу повисоко ниво. Белите кимона на Металург, гордоста на македонското карате, досега во сите возрасни категории (кадети, јуниори, постари јуниори до 21 година и сениори) имаат освоено вкупно 58 медали на клупските и на репрезентативните настапи, што секако претставува големо задоволство, но наедно и обврска да се постигнуваат високи спортски дострели на татамите и во иднина.
Металург во својата богата спортска активност бил шампион во Првата карате-лига на Македонија во 2004, 2005, 2006, 2007, 2009, 2010, 2011 и во 2012 година, а по нејзиното укинување таа година, бил првак на Македонија за сениори (екипно) во 2013, 2014, 2015, 2016 и во 2017 година. Од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), Металург е прогласуван за најуспешен клуб шест пати, во 2006, 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година.
Да се оствари врвен спортски резултат, односно да се освои медал од официјални европски и светски првенства, потребен е висок степен на клупска организираност, а тоа Металург во изминатиот долгогодишен период јасно го демонстрира. Квалитетниот систем на тренинзи, почнувајќи од подготвителниот период, каде што посебно се обрнува внимание на физичката подготовка на каратистите, потоа преднатпреварувачкиот, натпреварувачкиот, како и преодниот период, со јасна утврдена програма и цел за постигнување врвни резултати, претставува јасен показател како треба да работи еден спортски колектив ако сака да „жнее“ нови успеси на домашен и на меѓународен план.

Мирче Јанушевски, долгогодишен и актуелен тренер на Металург

– Металург во 50-годишното постоење, со својата активност на татамите, оствари огромен резултат на клупски и на репрезентативен план и со тоа многу придонесе за афирмација на каратето како спорт, но и на Македонија како држава. Притоа, секој негов член од самиот почеток до денес, вложи голем напор каратето да стане еден од најтрофејните спортови во Македонија. Токму затоа сите поранешни и сегашни членови на клубот што го носеле белото кимоно, се горди за досега оствареното. Во оваа пригода би спомнал каратист на овој клуб, Иво Цветковски, кој го освои и првиот медал за македонското карате, сребрен, од европските првенства. Тоа се случи во Братислава во 2007 година, а истата година Цветковски беше прогласен и за спортист на Македонија. Од другите позначајни резултати, би ги издвоил бронзата на Огнен Груевски на Европското првенство во Атина во 2010 година, бронзите на Мартин Несторовски на Европското првенство за сениори во Истанбул во 2015 и на Европските игри во Баку во 2015 година, каташката Тамара Рибарска, која освои бронзен медал, екипно на сениорското Европско првенство во Шпанија во 2005 година, и други, но не изостанаа медали и во кадетско-јуниорската конкуренција. Одличја се освојуваа и на универзијадите, европските првенства за региони, балканијадите, на силните турнири. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме во ист стил, а и со повеќе финансиски средства да создадеме повисоко ниво на услови за работа – рече, меѓу другото, во поздравниот говор, долгогодишниот и актуелен тренер на Металург, Мирче Јанушевски.
Од Македонската унија на ветераните, поранешниот истакнат каратист Чедомир Саздовски му врачи златна статуетка на Јанушевски за придонес во развојот на КК Металург. Златна плакета доби актуелната претседателка на клубот Снежана Сиљановска, како и долгогодишниот спонзор на клубот, бизнисменот Минчо Јорданов.
На свеченоста гостите и спортистите имаа можност да ја видат изложбата на сите досегашни освоени пехари и медали на Металург, а потоа да проследат и проекција на краток филм за активноста на клубот и неговите членови, токму кога свечено ги примале медалите на подиумот на големите натпреварувања.


НАГРАДЕНИ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ

Златни плакети: Минчо Јорданов, Снежана Сиљановска, Стефанчо Крстевски, Драган Грдановски, Мирче Јанушевски, Коце Трајановски, Жарко Костовски, „Факом АД Скопје“, „ГП Бетон АД Скопје“, Ракометен клуб Металург, Општина Гази Баба, Карате федерација на Македонија (КФМ), Агенција за млади и спорт (АМС), Македонски олимписки комитет (МОК)
Сребрени плакети за освојувачи на медали од ЕП и од СП: Иво Цветковски, Мартин Несторовски, Бојан Јовановски, Азиз Исмаил, Крсте Мишев, Филип Ѓурчиновски, Петар Спасеновски, Тамара Рибарска, Виктор Крстевски, Огнен Груевски
Сребрени плакети за репрезентативни настапи: Драгана Тодорова и Ферат Корбулиќи
Сребрени плакети за натпреварувачи-тренери: Киро Ѓорѓиевски, Гоце Петров, Амир Беговиќ
Сребрени плакети за поранешни карате-ветерани: Хари Ефтимовски, Љиљана Петрушевска, Зорица Петрушевска, Горица Петрушевска, Марина Величковска, Љубиша Богдановски, Ивица Алексовски, Кенан Асани, Атанас Чергарски, Боби Стојановски, Трајан Трајковски, Томче Павлов, Ламбе Иловски
Сребрени плакети за каратисти надвор од клубот: Мирче Опеловски, Чедомир Саздовски, Елвир Кутановиќ, Назим Куртовиќ
Сребрени плакети за придонес: „Ремедика АД“, „РЖ Институт“, дневниот весник „Нова Македонија“, ММУЦ „Панче Арсовски“

[email protected]