Долгогодишните и традиционално добри билатерални односи кои дополнително се зајакнуваат од година во година, низ интензивен и пријателски политички дијалог потврден со редовни и чести средби и посети на високо ниво, беа потврдени на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со неговата српска колешка Ана Брнабиќ.
На оваа средба, на која присуствуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Ковачевски истакна дека унапредувањето на односите меѓу двете земји продолжува во насока на продлабочување на односите со посебен акцент на економската соработка.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата е посочено дека од посебно значење беше помошта и поддршката од Србија за време на ковид-кризата, кога оваа земја го помогна справувањето со пандемијата со вакцини и друга медицинска помош.
Ковачевски на средбата со премиерката на Србија се заблагодари за отстранувањето на забраната за извоз на житни производи и масло за јадење, со што покажа разбирање и солидарност како дел од својата определба за соработка во регионот.
– Претседателите на Владите, Ковачевски и Брнабиќ ја потенцираа комуникацијата и партнерството на највисоко ниво во рамките на Иницијативата Отворен Балкан како дополнителен импулс за регионална соработка, добрососедство и имплементација на европските вредности во нашиот регион – се наведува во соопштението.
Тие заеднички оценија дека иницијативата треба да продолжи да функционира како платформа за регионална соработка на сите нивоа, притоа потенцирајќи дека е отворена поканата на претстојниот Самит на „Отворен Балкан“ во Охрид да земат учество и другите земји од регионот, со што ќе се почувствува поголема придобивка за сите граѓани од Западен Балкан.
На средбата стана збор и за подготвеноста на двете страни за организирање третата заедничка седница на двете влади, како позитивен поттик за натамошниот развој и интензивирање на односите и соработката, особено во економската соработка.
Србија е трет најголем трговски партнер на Македонија, а премиерите Ковачевски и Брнабиќ констатираа дека вкупна вредност на трговската размена од над една милијарда долари, што бележи раст токму за време на пандемијата, е јасен знак дека економската соработка треба да продолжи да се унапредува со континуирани „Б2Б средби“ и бизнис форуми, како и со заедничко вмрежување за настап на трети пазари.
Како посебно значајни за поврзување на регионот, на средбата беа оценети автопатните и железничките инфраструктурните проекти на Коридорите 10 и 8.
– Во однос на евроинтеграцијата на регионот, претседателите на Владите, Ковачевски и Брнабиќ оценија дека сега е вистински момент Северна Македонија и Србија да ги започнат преговорите со ЕУ и дека тој чекор ќе биде позитивен сигнал за целиот регион од аспект на неговата геостратешка важност и стабилност – се подвлекува во соопштението од владиниот Прес-центар.
На средбата како позитивен е оценет моментот на придвижување на односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со цел за надминување на меѓусебните прашања.