Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас денеска изјави дека во наредните недели британската Влада планира да претстави нацрт-закон за изменување и дополнување на Протоколот за Северна Ирска, кој е дел од договорот за Брегзит со ЕУ.
– Најавувам дека во наредните недели имаме намера да претставиме предлог-закон за измена на протоколот – рече таа во британскиот Парламент.
Трас нагласи дека британската влада претпочита да се постигне пријателско решение со ЕУ, додавајќи дека ќе ги продолжи разговорите со европскиот преговарач Марош Шефчовиќ, кого го покани да го посети Лондон што е можно поскоро.
Таа рече дека законодавното решение не значи отфрлање на протоколот за Северна Ирска и оти тоа е во согласност со обврските на Велика Британија според меѓународното право.
Законот, рече таа, ќе обезбеди режим според кој стоките наменети за Северна Ирска што остануваат таму ќе бидат ослободени од непотребни административни оптоварувања.
– Нацрт-законот ќе ги отстрани регулаторните бариери за стоките произведени според британските стандарди што се продаваат во Северна Ирска. Компаниите ќе можат да избираат меѓу исполнување на британските или ЕУ стандардите според новиот двоен регулаторен режим – рече таа.
– Ќе продолжи да се гарантира дека нема физичка граница на ирскиот остров – нагласи таа.
Европската Унија соопшти дека „ќе одговори со сите средства што и се на располагање“ доколку Велика Британија еднострано одлучи да го измени протоколот за Северна Ирска, се вели во соопштението на потпретседателот на Комисијата Шефчовиќ.
Протоколот за Северна Ирска е „меѓународен протокол потпишан од ЕУ и Велика Британија. Едностраните дејствија што се спротивни на меѓународниот договор не се прифатливи“, додаде тој.
Ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковенеј изрази длабоко жалење за одлуката на Лондон.
– Длабоко жалам за одлуката на британската Влада. Ваквите еднострани дејствија според обврзувачкиот меѓународен договор ја нарушуваат довербата и само ќе го отежнат изнаоѓањето решение за вистинските стравови на жителите на покраината во врска со спроведувањето на протоколот – рече тој.