Од првото качување во 1953 година, Монт Еверест е искачен 10.657 пати. Ками Рита првпат се качи на врвот во 1994 година и поставуваше светски рекорди за качувања на Монт Еверест речиси секоја пролет во претходните четири години

АЛПИНИЗАМ

Непалскиот шерпа Ками Рита (52) се искачи рекорден 26-ти пат, овој пат предводејќи 10 планинари, на Монт Еверест, највисокиот врв на светот (8.848 метри).
– Ками Рита го собори својот стар и постави нов светски рекорд во качување – изјави Таранат Адикари, генерален директор на Одделот за туризам во Катманду, главниот град на Непал.
Ками Рита се качувал по традиционалната маршрута на југоисточниот гребен, патеката што е најпопуларна и по која во 1953 година првпат на Еверест стигнаа Едмунд Хилари од Нов Зеланд и Тензинг Норгај, шерпа од Непал. Годинава Непал издаде 316 дозволи за качување на Еверест во шпицот на сезоната во мај, што е помалку од рекордните 408 минатата година.
Од првото качување во 1953 година, Монт Еверест е искачен 10.657 пати. Од Македонија на Монт Еверест се искачија Димитар Илиевски-Мурато во 1989 година, Глигор Делев во 2007-та, Сашко Кедев во 2009 година, Здравко Дејановиќ во 2010-та и Илина Арсова во 2014 година.
Многумина како Рита повеќепати се качиле на врвот на светот. Тој соборуваше и поставуваше светски рекорди за качувања на Еверест речиси секоја пролет во претходните четири години.

Рита, кој има повеќе од 35 години планинарско искуство, е познат во светски рамки. Првиот рекорд за качување на Еверест тој го постави на 22 мај 2018 година, кога се качи 22. пат. Следната година, според Гинисовата книга на рекорди, двапати се искачил на Еверест, по 23-ти и 24-ти пат.
Веројатно Рита ќе имаше и повеќе качувања на Еверест доколку поради пандемијата на ковид-19 не беа забранети искачувања во 2020 година. Кога лани повторно се отвори Еверест, Рита го собори својот рекорд уште еднаш, со 25-то искачување.
Рита не стигна до врвот при првиот обид во 1992 година, туку две години подоцна, во 1994-та. Неговиот живот е врзан за планината уште од детството. Неговиот татко, Мингма Шеринг, беше еден од првите професионални водичи на Монт Еверест, кога Непал почна да дозволува меѓународни искачувања во 1950 година.
Дозволата за искачување на Монт Еверест чини 11.000 долари за странци. Но, според некои пресметки, планинарите/алпинисти трошат помеѓу 40.000 и 90.000 долари за да се искачат на врвот.