Фото: Дарко Андоновски

Македонската фудбалска репрезентација убедливо го совлада Лихтенштајн со 4-1, вечерва на националната арена „Филип Втори“, со што направи значаен чекор кон плејофот во Лигата на нациите (ЛН).

Македонија дојде до предност од 3-0 по 36 минути игра, со головите на двојниот стрелец Александар Трајковски и на капитенот Горан Пандев. Лихтенштајн го постигна почесниот погодок преку Сејхан Јилдиз една минута подоцна. Езѓан Алиоски го постави конечниот резултат во 67-та минута.

„Рисовите“ на тој начин ја забележаа и третата победа во исто толку мечеви во ЛН, по што имаат шест бода повеќе од ривалите во групата 4 во Лигата Д – Лихтенштајн, Ерменија и Гибралтар.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски во следниот дуел ќе се соочат со Ерменија на гости, во вторник.

Првото место во групата води во повисок ранг и гарантира настап во плејофот, во март 2020, со трите првопласирани репрезентации од преостанатите три групи во лигата Д. Победникот од плејофот ќе се пласира на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.