Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (9)
Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, објавуваме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.
– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!
До чичко сообраќаец
Тебе чичко добар,
над нашата среќа
што бдееш,
честитка ти праќам
и искрено сакам:
Секој ден на патиштата,
од утро до вечер,
без несреќи да тече,
секогаш да има
ред и мир на улиците
и наместо опомени и казни
за прекршоци разни
насмевки
да им подаруваш
на патниците,
пешаците и возачите
семафорите
правилно да ги читаат,
па само на зелено светло
напред да итаат…
До малите сообраќајци
На сообраќајците вие сте им десна раказатоа толку ве сакам.
На крстосница често ве гледам,
вашите совети ги следам.
Срцево желба ми крие:
да бидете вредни и ретки,
а во дневниците да редите
ѓердан од лични петки.
Ај погоди што е тоа?
Нашиот пријател
По улица неуморно
секој ден се движи,
за редот сообраќаен
без престан се грижи.
Добар, но и строг е,
може и да казнува,
нема ли прекршоци
– најсреќен е празнува.